Политичари-заробени од историчари, Радев ја реобновува бугарофобијата во Скопје

„За да има кавга се потребни двајца, и во македонско-бугарскиот случај се случува тоа. Факт е дека Македонија со децении не смени ништо. Во овие 30 години со мали исклучоци ние како да останавме во старата приказна кон Бугарија. За жал. Во моментот кога дојде премиерот Заев, со многу чекори се затопли политиката, но Бугарија во многу погрешен момент реши да заигра тврдо. Прво декларацијата на бугарскиот Парламент, потоа меморандум до Брисел и актот на ветото. Пред да почне кампањата бев таму, ги предупредив дека ќе направат грешка. Сметам дека на последната спирала на говори на омраза повеќе се виновни бугарските од македонските политичари. И двете страни обвинуваат за говор на омраза, но и двете страни го потпалуваат тој говор на омраза. Се натрпреварувамe  кој повеќе омраза ќе блуе“ – вели меѓудругото поранешниот македонски премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски во најновото издание на Трилинг.

Во продолжение проследете ги размислувањата и ставовите на Георгиевски:

Трилинг: Како да излеземе од овој историски крстопат?

Георгиевски: Има огромна статичност на бугарската политика. Се фатиле за железничката линија. Македонија треба многу да се задолжи за да ја направи. Ние направивме уште пред 20 години два гранични премини, од нивна страна – никој не мрда. Кој и пречи на Бугарија да отвори културен центар. Им овозможивме да пуштат телевизиски канал во земјава, тој канал освен документарни филмови нема ништо модерно. Самите се претставуваат на таков начин. И од македонска страна не знам што се случува. 100 милиони евра пред 2 години беа изпуштени од ЕУ поради железничкиот коридор со Бугарија.

Трилинг: 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Во Софија му се оддаде голема почит, кај нас нешто сосема друго. Несвесно или свесно им го препуштаме?

Георгиевски: Мислам дека настана трка околу Гоце Делчев. Јас сметам дека пред ветото имаше добра позиција од македонска страна, без многу дискусија, објавија дека Делчев е заеднички херој, Бугарите не разбраа што значи тоа, каква е тоа отстапка. Таа Комисија историска не разбира каква шанса добила и дека од македонска страна има расположение за некоја релативна вистина. Таму преовладува атмосфера дека Македонија треба да се победи 10:0. Во македонската историја се крие дека Делчев е учител на бугарската егзархија. Гоце Делчев бил редовен член на врховниот комитет во Бугарија. Кавгите со врховистите биле во Софија.

Трилинг: Според историски записи, Ванчо Михајлов се залагал за Македонија да е Швајцарија на Балканот, но без Македонци?

Георгиевски: Ќе бидам сурово директен, Ванчо Михајло, Тодор Александров и Борис Сарафов и многу други зборувале дека во Македонија живеат македонски Бугари, затоа што тогаш тоа за нив било мнозинството. Кога ќе ги разгледате биографиите на револуционерите, Михајлов се определувал исто како и првиот претседател на ВМРО – Христо Татарчев, претседателот на Ѓорче Петров, Даме Груев, на Јане Сандански. Ние го имаме избришано и Татарчев затоа што не сакал да се врати во слободна Македонија. Велиме нема говор на омраза за Бугарите во Македонија. Кога Михајлов зборувал за македонски Бугари, и левицата и десницата го зборувала истото.

Трилинг: Зошто тогаш толку голема вревa се крена за културниот центар во Битола, со името Ванчо Михајлов?

Георгиевски: Затоа што не можеме да излеземе од шаблоните на југословенската шема, парадоксоално е што најголемата хистерија ја крена десницата, ВМРО-ДПМНЕ. Значи дека УДБА е во право што ванчовистите после 1945 ги затвореле, ги тепала и мачела во македонските затвори, а тие се единствените кои се бореле за самостојна и независна Македонија додека била под Титовото ропство.

Трилинг: Дали македонските политички елити се заробеници на историчарите?

Георгиевски: Имаме две ектремни позиции, во Македонија има попрогресивни политичари, изјавите на Заев, Пендаровски, Малески, Бучковски, три премиери и еден претседател на држава кои велат поотворено зборувајте за заедничката историја. Во Бугарија има друга страна, претставници на Комисијата (историска), двапати го предупредува премиерот на Бугарија, пази што правиш. Политичарите не можат да се ослободат од историската мисла.

Трилинг: Политиката на бугарските власти создаде атмосфера на бугарофобија?

Георгиевски: Така е, џабе ви се сите договори, омразата која настана ќе треба 10 години да ја лечиме. Основната приказна е како комуницира обичниот човек.