Пендаровски ја посети малата Ембла во Гостивар

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство“, каде Ембла ја следи наставата.

Со родителите на Ембла разговарале за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.

Претседателот ја нагласил важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.

Пендаровски истакнал дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор.

„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип”, рече Пендаровски.

Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите – смета тој.