Ковачевски: Не е време за избори, државата се соочува со големи предизвици!

Претседателот на Владата – Димитар Ковачевски вели дека сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку е време за справување со здравствената и енергетската криза, и за развој на економијата.

„Избори ќе има, вели, ама редовни, во 2024 година, до кога сите политички партии имаат време да постигнат консензус за укинувањето на „пржинската влада. Во однос на прашањата што беа отворени во изминатиот период доминантно од опозицијата, ние како партија и јас како претседател на СДСМ и претседател на Владата веќе дадовме став дека во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици, а тоа е прво справувањето со здравствената криза, справувањето со енергетската криза. Имавме и справување со топлинската криза во Градот Скопје, а исто така имаме и отворен процес, активен, на разговори со нашиот сосед со Република Бугарија а со цел одржување на прва меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со ЕУ.  Оттаму сметаме дека оние прашања коишто не се во насока на исправување со најголемите предизвици само претставуваат дефокусирање од оние проблеми коишто се најважни да се решат за нашите граѓани“ изјави Ковачевски при денешната посета на ТИРЗ Штип.

Според  него, самото барање на опозицијата за укинување на „пржинската влада“ потврдува дека во државата има демократски амбиент, каков немало во времето кога е воведена таа влада.

„Медиумите не беа оставени слободно да ја извршуваат својата работа, а денеска сите медиуми им се достапни на сите политички репрезенти било да се од позицијата, било да се од опозицијата и тоа само потврдува за тоа дека СДСМ и Владата и неговите коалициони партнери ги имаат вратено демократските принципи на владеење. Со оглед на тоа што „пржинската влада“ е договорена помеѓу четирите најголеми партии тоа значи дека и начинот на нејзиното укинување треба да се направи на истиот начин, а не со еднострано барање од една политичка партија притоа имајќи во предвид дека имаше и изјава од страна на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, односно Алијанса дека тие имаат друг поглед на тоа прашање. Од таа причина, треба работни групи да седнат и да договорат решение кое што решение ќе биде дел од Закон за Влада и кое што ќе важи за изборите 2024 година“ – рече Ковачевски.

За разговорите со Бугарија, Ковачевски очекува истите да се на ниво на министерства за надворешни работи и да бидат во духот на европските вредности, со почитување на двете држави и на достоинството на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Република Бугарија. Рече и дека во однос на разговорите со Бугарија, отворен е нов процес на разговори, кој се темели на прашања кои се однесуваат на реални теми кои практично ги афектираат сите граѓани и сите општествени процеси во двете држави.

„За таа цел после двете средби кои ги имавме со бугарскиот премиер и заедничката владина седница во Софија, беа договорени работни групи, во областа на економијата, инфраструктурата, образованието и културата, европските интеграции, нормално и Историската комисија продолжи да работи и тогаш рековме дека министерствата за надвореши работи на двете држави ќе работат на изнаоѓање решенија за политичките прашања кои се отворени меѓу двете држави“ потенцираше Ковачевски.