Тренчевска: Оптимист сум дека ќе се договориме за зголемување на минималната плата

Верувам дека на  денешното продолжување  на социјалниот дијалог на Економско – социјалниот совет ќе го донесеме најсоодветното решение, кое ќе биде прифатено од сите социјални партнери. За нас како Влада подобрувањето на економскиот статус на работниците е врвен приоритет и минималната плата ќе биде зголемена“.

Ова денеска за ТВ24 го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа посочи дека е оптимист дека ќе се изнајде најдоброто решение за работниците, работодавачите и на Владата како партнери.

„Верувам дека на Економско – социјалниот совет предлогот ќе биде прифатен од сите социјални партнери.   Кога имаме конструктивен дијалог на ЕСС, секогаш доаѓаме до решение кое е најдобро за сите вклучени страни. Буџетот е во добра кондиција и секое предложено решение ќе биде поткрепено со финансии“, рече Тренчевска.

Таа посочи дека барањето на Сојузот на синдикатите кое го поддржуваат и другите синдикати, е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.

Синдикатите бараат 18.000 денари минимална плата или 62% од просечната плата. Организацијата на работодавачи бара донесување на минимална плата со 50% од просечната плата, Бизнис конфедерацијата на  Македонија предлага обезбедување на финансиска помош за исплата на минималната плата од буџетот на РСМ.