Пендаровски: Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Берлински процес 2022 – Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, во соработка со Амбасадата на Германија во земјава.

„Пасивизирањето на Берлинскиот процес се совпадна со почетокот на здравствената криза, предизвикана од пандемијата на почетокот на 2020 година. Оттогаш, па се до крајот на оваа 2022 година се случија тектонски промени во Европа и во светот што имаат директно влијание и врз нашиот регион. Без претерување можам да кажам дека денес, после скоро три години, на геополитички план се соочуваме со комплетно различна ситуација, но, и со драстично променети внатрешни околности во државите-членки на Европската Унија и кај државите од нашиот регион. Новиот контекст налага да се осмисли и спроведе еден иновиран пристап како кон европската интеграција на Северна Македонија и целиот регионот, така и кон интра-регионалната соработка“ порача Пендаровски.

Тој посочи декла „иницијативата за овој процес се појави во 2013 година, а се реализираше една година подоцна, кога на симболичен начин се сакаше да се одбележи стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, која започна токму на Балканот, со атентатот врз австрискиот надвојвода Франц Фердинанд во Сараево. После тој настан следеа првата, потоа и втората глобална војна, а Балканот беше и остана синоним за поделби, конфликти и воопшто, извор на проблеми“.

„Берлинскиот процес беше замислен да претставува симболично помирување и менување на ваквата перцепција за Балканот, преку трасирање на неговата иднина кон целосна европска интеграција, во кругот на држави и народи кои живеат во стабилни и уредени општества, економски и социјални просперитетни, со функционални правни системи и интензивна меѓусебна соработка. Во тој период дури постоеше и амбиција, барем дел од државите во регионот, да станат членки на Европската Унија до 2025 година, цел која денес, повеќе од сигурно е недостижна за било која од шесте држави во нашиот регион“ е ставот на шефпт на државата.

Пендаровски потенцира дека „нашиот регион објективно изгуби години и години во процесот на европската интеграција. Во 2019 година, почетокот на преговорите за нас и за Албанија беше одложен поради, во последен момент, најавената идеја за нова методологија за пристапните преговори. Кога таа беше усвоена, во почетокот на 2020 година, започна штетната блокада кон нас од страна на Бугарија, што индиректно се одрази и врз Албанија. Сосема легитимното барање за добри меѓусоседски односи беше унилатерално заменето со инсистирање на историски и идентитетски прашања како наводен преуслов за почеток на преговорите“.