Пендаровски: Ако има позитивни вести на крајот од средбата Вучиќ – Курти, тоа е добро за целиот регион

Претседателот Стево Пендаровски, во Охрид изјави дека позитивниот исход од денешната средба меѓу лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ, ќе биде добар за целиот регион.

„Ако има позитивни вести на крајот од средбата Вучиќ-Курти, тоа е добро за целиот регион“, изјави Пендаровски на новинарите кои во прес-центарот ја следат новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина.

Пендаровски рече дека не може да дава прогнози.

Пендаровски одговори негативно на прашањето дали ова е денот Д за преговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.

Под покровителство на Европската унија денеска во Охрид се одржува состанок на лидерите на Косово и Србија, а во фокусот на средбата е финализирањето на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Европската унија ја избра Македонија како место за средба бидејќи Охридскиот договор од 2001 година и Договорот од Преспа од 2018 година се најпознатите неодамнешни примери за успешно решавање на споровите во регионот.

Домаќин на средбата е премиерот Димитар Ковачевски, кој пред почетокот на дијалогот одвоено разговараше со Борел и Лајчак, Курти и Вучиќ.