Осомничените за убиството на Данка испратени во Специјалната затворска болница

Двајцата осомничени за убиството на малата Данка Илиќ во Србија – Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.

Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Зајечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.

Срѓан Јанковиќ (50), пак, не зборувал за делото.

Во Вишото јавно обвинителство во Зајечар биле сослушани и родителите на Данка – Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.

Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.

„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рекол таткото на убиеното девојче.