
Опозицијата го напушти Собранието – седницата за избор на министри продолжи
Опозицијата ја напушти седницата на Парламентот на која се бираат кандидатите за новите министри. Доцна вечерва координаторите на пратеничките групи на СДСМ Оливер Спасовски, на ДУИ Рина Ајдари, како и на тројцата пратеници од Алијанса на Албанците најавија дека нема да учествуваат во работата на Собранието се додека не чујат лично извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоиљковиќ.
Опозицијата ја напушти седницата на Парламентот на која се бираат кандидатите за новите министри. Доцна вечерва координаторите на пратеничките групи на СДСМ Оливер Спасовски, на ДУИ Рина Ајдари, како и на тројцата пратеници од Алијанса на Албанците најавија дека нема да учествуваат во работата на Собранието се додека не чујат лично извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоиљковиќ.
Во смирување на страстите не помогна ниту новредниот состанок на координаторите на пратеничките групи. По тој состанок координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, како што рече, во име на мнозинството побара почитување на Етичкиот кодекс на пратениците и побара од секого примерно и одговорно однесување. На тоа жестоко реагираа Ајдари и Спасовски кои побараа извинувањето да биде лично од Стоиљковиќ или да биде извинувањето од негово име. Откако не го добија, побараа прекин на седницата и продолжување утре за да се смири атмосферата во пленарната сала.
СДСМ свикаа и вонредна прес-конференцијата, бидејќи случувањата во Собранието, според нив, биле надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.
Најголемата опозициска партијата оцени дека македонската јавност била сведок на голема нервоза во моментите кога во Собранието се разговарало за резултатите и неуспесите на извршната власт во изминатите две години. Според СДСМ, едно од клучните правила во демократијата е власта да ги слушне критиките, да ги согледа слабостите и врз основа на нив да се обиде да го подобри своето работење. Од партијата сметаат дека во Македонија демократијата се сфаќа поинаку и дека власта верува оти ќе постигне подобри резултати со напади врз оние што укажуваат на слабостите во општеството.
СДСМ тврди дека навреди биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за изборот на Владата.Според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за говор на омраза што може да создаде услови за насилство. По прекинувањето на седницата следувал и директен напад од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој им се нафрлил на двајцата пратеници со навреди и пцовки. СДСМ сметаат дека ваквото однесување не му доликува на кандидат за министер што треба да биде избран токму од Собранието.
„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.
А, атмосферата се вжешти по говорот на пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ. Неговата оценка дека реконструкцијата на Владата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми за стратешката определба на државата и за кадрите што ВМРО ги предлага на највисоки државни функции. Според него, кадровските решенија предложени од Владата испраќаат загрижувачки политички пораки, особено во делот на евроатлантската ориентација на државата.
„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што „српскиот“ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини.“, истакна Трајчулески.
Осврнувајќи се на предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство, Трајчулески посочи официјално објавени информации за неговите активности.
„Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, нагласи Трајчулески.
Тој исто така оцени дека реконструкцијата е уште едно признание дека Владата не ги исполнила сопствените ветувања.
„Денес сме сведоци на признание за политички неуспех. Кога Владата менува министри по само две години, таа всушност признава дека не ги исполнила сопствените ветувања. Но проблемот не е во имињата. Проблемот е во политиките што ги доведоа граѓаните до разочарување“, потенцираше Трајчулески.
Потоа, премиерот Христијан Мицкоски, пак, ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со наводите за таканаречен „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Во обраќањето, Мицкоски рече дека СДСМ во периодот додека бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ и потсети на неговата поддршка во процесот за промена на името.
„Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Е, оваа влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на владата којашто ја предводам јас“, рече Мицкоски од собраниската говорница.
По напуштањето на опозициските пратеници, седницата продолжи, а во салата од оние што не се дел од парламентарното мнозинство остана само пратениците на Левица кои со своите говори жестоко ја критикуваа работата на Владата во претходнитр две години.
Извор: Фокус