
Обвинителите бараат Уставниот суд да одлучи за намалените плати
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители изразија сериозна загриженост поради тоа што Уставниот суд сѐ уште не постапил по иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители изразија сериозна загриженост поради тоа што Уставниот суд сѐ уште не постапил по иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Во заедничкото соопштение се наведува дека ваквото непостапување веќе создало сериозен диспаритет меѓу статусот на јавните обвинители и судиите, со што, според нив, директно е засегната уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.
Оттаму нагласуваат дека финансиската независност е една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не смее да биде предмет на произволни и повторливи законски интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини.
„Уставот ја утврдува посебната положба на Јавното обвинителство како самостоен државен орган. Таквата уставна поставеност претставува гаранција дека јавните обвинители својата функција ќе ја извршуваат слободно, професионално и без влијание од која било гранка на власта“, се наведува во реакцијата.
Според обвинителските институции, законските решенија со кои се нарушува финансиската положба на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, бидејќи тие можат директно да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и врз довербата на јавноста во неговото работење.
Во соопштението се посочува дека рамноправниот третман на самостојноста на обвинителството и независноста на судството е веќе воспоставен во современите европски држави, при што се наведуваат примери од Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд да обезбеди ефикасна и навремена уставно-судска заштита на начелото на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на обвинителството. Воедно, тие потенцираат дека финансиската независност не претставува привилегија за носителите на јавнообвинителската функција, туку предуслов за независно функционирање на институцијата. Предупредуваат дека неоправданото намалување на нивните примања создава ризик од директно влијание на извршната власт врз обвинителството и може да доведе до нарушување на неговата уставна позиција во системот на поделба на власта.