Нови осум случаи на западнонилска треска во Македонија, седум пациенти со потешки невролошки симптоми

Бројот на заболени од западнонилска треска во Македонија се искачи на осум, од кои седум се лабораториски потврдени, а еден се води како веројатен случај, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Бројот на заболени од западнонилска треска во Македонија се искачи на осум, од кои седум се лабораториски потврдени, а еден се води како веројатен случај, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Само во текот на јули се регистрирани пет нови случаи, а последниот е потврден оваа недела. Најголем дел од заболените се од Скопје и Велес. Според епидемиолошките податоци, повеќето се заразиле во земјава, додека кај еден пациент постои сомнеж дека инфекцијата ја добил за време на престој во Грција.

Загрижува фактот што сите пациенти развиле потешка форма на болеста со зафатеност на централниот нервен систем, поради што биле хоспитализирани. Дел од нив во меѓувреме се пуштени на домашно лекување.

Податоците покажуваат дека најголем дел од заболените се мажи и лица постари од 60 години, што укажува дека повозрасната популација е изложена на поголем ризик од развој на тешки компликации.

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај повеќето заразени инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика, но кај мал број пациенти може да предизвика сериозни невролошки компликации.

Здравствените власти предупредуваат дека т.н. тигрест комарец (Aedes albopictus) е веќе присутен во земјава и постепено се шири, потпомогнат од повисоките температури и климатските промени.

Оттаму апелираат граѓаните да преземат превентивни мерки – да користат репеленти, да носат облека со долги ракави и ногавици, да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и да отстрануваат застојана вода околу домовите, каде што комарците најчесто се размножуваат.

Лекарите советуваат секој што по убод од комарец ќе добие висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми веднаш да побара медицинска помош.