
Новинари од РТС бараат смена на раководството: Студентите се жртви на јавен линч
Група вработени во Радио-телевизија Србија (РТС), обединети во групата „Наш протест“, јавно се дистанцираа од прилогот емитуван на Првата програма на јавниот сервис, во кој студентите беа обвинети за наводна употреба на „звучен топ“.
Група вработени во Радио-телевизија Србија (РТС), обединети во групата „Наш протест“, јавно се дистанцираа од прилогот емитуван на Првата програма на јавниот сервис, во кој студентите беа обвинети за наводна употреба на „звучен топ“.
Во остро соопштение тие наведуваат дека од самиот почеток ги поддржуваат студентските барања и нивната борба за објективно информирање, оценувајќи дека спорниот прилог претставува обид за криминализација и јавен линч на студентите.
„Овој прилог претставува апсолутен пад на новинарската етика, директно кршење на Кодексот на новинарите на Србија и неодговорно ставање мета на челото на студентите“, порачаа вработените од групата „Наш протест“.
Тие нагласуваат дека одбиваат да бидат „неми сведоци и соучесници“ во претворањето на јавниот сервис во „фабрика за непроверени информации и политички конструкции“, додавајќи дека нивната борба за професионално, вистинито и објективно информирање на граѓаните се совпаѓа со борбата на студентите.
Вработените побараа итна и неотповиклива одговорност од целото уредништво на Информативната програма на РТС, како и јавно извинување до студентите и граѓаните на Србија.
Во соопштението откриваат и дека, поради страв од професионални последици, дисциплински постапки, одмазда од раководството или откази, официјална пријава за притисоците на кои, според нив, се изложени вработените во РТС ќе биде доставена до новинарските здруженија во Србија и Европа.
Истовремено, тие ја повикаа меѓународната заедница внимателно да ги следи случувањата во српскиот јавен сервис и да обезбеди поддршка и заштита за новинарите кои, како што велат, се борат за интегритетот на својата професија.
Студентите претходно жестоко реагираа: „ТВ Бастиља со емитуваниот прилог го достигна своето дно”.
Извор: skopje1.mk