Никола Саркози ќе заврши во затвор за илегално финансирање на кампања

Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска беше прогласен за виновен за незаконско финансирање на неговата изборна кампања во 2012 година.

Аферата „Бигмалион“ го стави зад решетки поранешниот француски претседател. Апелациониот суд во Париз го осуди Саркози на една година затвор, од кои шест месеци беа условни, пренесе агенцијата Франс прес.

Еден час по изречената казна, адвокатот на Саркози најави дека ќе ја искористи можноста да поднесе жалба до највисокиот суд – Касациониот суд.

Во септември 2021 година, кривичниот суд во Париз го прогласи Никола Саркози за виновен за значително пречекорување на законската граница за трошење за неговата претседателска изборна кампања и го осуди на една година затвор за незаконско финансирање.

Уште 13 лица беа осудени на три и пол години затвор, некои од нив условни. Никола Саркози и уште девет други поднесоа жалба.

Истрагата откри дека со цел да се прикрие многу скапата кампања – која чини речиси 43 милиони евра наспроти максимално дозволените 22,5 милиони – беше воспоставен систем на двојна наплата. Така, голем дел од трошоците за настаните на кандидатот, наместо на кампањата, на неговата партија ги наплаќа медиумската агенција „Бигмалион“, под чие име судењето доби публицитет.

Саркози не беше обвинет за шемата за лажно фактурирање.