Над 3.000 полицајци ќе го чуваат Ердоган во Атина

Под драконски безбедносни мерки се очекува да биде Атина в четврток поради посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и одржувањето на Високиот совет за соработка.

Според грчките медиуми, се очекува да бидат ангажирани над три илјади полицајци.

Државната телевизија ЕРТ објави дека во надлежното Министерство за заштита на граѓаните секојдневно се одржуваат состаноци за безбедносните мерки, што вклучуваат дронови, хеликоптери, снајперисти, а мобилизирани се 3.500 полицајци.

Турскиот претседател в четврток ќе биде во Атина за да учествува на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, а предвидено е да биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, потоа ќе следи средба со премиерот на Грција и изјава за медиумите, по што ќе се одржи и состанокот во форма на работен ручек, во присуство на Мицотакис и Ердоган и со учество на министри од двете земји.

Утре Атина исто така ќе биде под силни безбедносни мерки поради одбележувањето на 15-годишнината од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос, кој во 2008 година беше застрелан од полицаец, а секоја година на 6 декември се одржуваат низа протести.