Надал по 349 дена се врати на теренот

По речиси една година пауза, Рафаел Надал утринава се врати на теренот по повредата која потенцијално можеше да ја заврши неговата кариера, откако најде сили да се опорави и да се појави на турнирот во Бризбејн (Австралија).

Шпанецот во моментов го игра дуелот против Доминик Тием (Австрија), некогаш третиот играч во светот, кој на сличен начин имаше проблеми со повреди во кариерата. Публиката едвај чекаше Надал да се појави на теренот, пресметката неколку пати беше одложувана по пет минути, а околу 10 часот по македонско време на теренот конечно се појави „матадорот“ Надал.

Публиката беше во еуфорија, бидејќи ептен долго го чекаа моментот пак да го видат на теренот. Се слушаше „вамос“ од сите страни во знак на поддршка за Надал, а тој не се ни насмевна. Едноставно гледаше кон сето тоа и беше максимално фокусиран на теренот.

Ова е негов прв меч во поединечна конкуренција по поразот во третото коло на ланскиот Австралија опен. Во двојки веќе се појави на теренот во последниот ден од минатата година.