Моџо Килингтон: Алтернатива доби директорско место во струшкиот Архив, но во Струга нема Архив!

„Добро вечер за сите што имате струја, имате среќа што имате струја“ го започна Моџо своето вечерашно „Не (реално)“.

„Се влезе во Влада, во УО, директори, на пазарењето со Алтернатива велат дека Заев поминал добро, морам да се сложам, затоа што не го пуштија гол да си оди дома“ забележува Моџо.

„Алтернатива доби многу места во извршната власт, но најзначајното е местото на директор на Архивот во Струга каде што се е супер, само што Струга нема Архив. Можат да стават од Алтернатива директор на базенот и на аеродромот во Битола“ поентира Моџо Килингтон.

„Алтернатива го доби и министерското место за здравство, а ние добивме лекција – за да се смени министерот не беа доволни ни најголемиот број смртни случаи по глава на жител во Европа, не беа доволни ни доцнења на вакцини, не беше доволен пожар во кој изгореа 14 луѓе – беше доволна власта за министерот да се смени – лекција дека функцијата е поважна од животот“.