Мицкоски од М.Каменица: Со платформа „1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денеска одржаа митинг во Македонска Каменица. На митингот свое обраќање имаше претседателот на партијата, Христијан Мицкоски и носителот на пратеничката листа и коалицијата во ИЕ 3, Драган Ковачки. Мицкоски порача дека се одлучни да направат трансформација во државата, со што ќе се врати надежта и оптимизмот.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ќе победат на 24 април, а на осми мај ќе се потврди победата со историски печат.

-Мора победата да биде изразена со мнозинство во Парламентот. Тоа значи дека мора да имаме 61 пратеник за да можеме сето ова кое што јас го зборувам сега да го спроведеме и реализираме. Ние не сме чудотворци, чудата се невозможни, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само сакаме да ја пренесеме вистината онаа која што ние ја чувствуваме, да ја слушнеме вистината која што е поврзана со секојдневието, со реалноста и врз основа на можностите сето тоа да го реализираме во следниот период, појасни тој.

Тој посочи дека огромен број на потребите на граѓаните се содржани во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“.

-Бројка која што симболички сака да прикаже 1198 проекти, политики кои што во годините кои што следат ќе значат трансформација на Македонија, укажа Мицкоски. Мицкоски ги замоли граѓаните да излезат во помасовен број на избори за да се победи оваа актуелна власт.