Мицкоски го нарече Битиќи фрустриран и мизогин лик – опозицијата поради тоа бара прекин на седницата на Собранието

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница го нарече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи дека е фрустриран и мизогин лик, откако тој на седницата за реконструкцијата на Владата ја критикуваше работата на премиерот.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница го нарече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи дека е фрустриран и мизогин лик, откако тој на седницата за реконструкцијата на Владата ја критикуваше работата на премиерот.

Битиќи рече дека нема никакви економски резултатите, процесот на евроинтеграции е закочен и Владата не прави ништо по тоа прашање, како и дека во земјава владее авторитарен режим.

„Човек кој што е полн со фрустрации и има мизогини карактери собини, љубител е на грантови семејни најчесто, самопрогласен експерт којшто зад себе остави катастрофа, не заслужува внимание никакво од претседател на Влада. Но, бидејќи кажа неколку работи коишто немаат никаква врска со реалноста, дури и овој фрустриран мизогин лик во политиката единствено ќе остане препознат по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости, одлучив еве да му посветам неколку секунди и да му дадам неколку одговори на прашањата. Првото што го спомна е дека ова било авторитарен режим. Авторитарен режим, ќе ви посведочат некои од вашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ,  значи кога дома во 3 часот им влегуваат полициски единици, наоружани до заби и пред децата и пред нивните брачни другари ги приведуваат, па ги ослободуваат и така натаму. Тоа е режим. Режим не дозволува она што вие го правите на отворена сцена денеска, туку напротив, демократска влада којашто заслужува почит“, рече Мицкоски.

Од пратеничката група на СДСМ по говорот на премиерот побараа пауза велејќи дека навредувал пратеници. Координаторот на пратеничката група Оливр Спасовски побара вонредна координација на парламентарните групи, а опозицијата побара прекин на седницата, по ваквите изречени зборови од премиерот.

Расправијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Битиќи почна на 10 јули, кога на расправата за ребалансот на Буџетот во Собранието Битиќи ја нарече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска „сметководителка“, а нејзиниот заменик Николче Јанкуловски „професор“.

„Бездната во која пропаѓате е многу длабока. Имате уште да одите надолу, а во неа ве сместија сметководителката и професорот“, рече Битиќи за време на расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

На неговото обраќање реагираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, која оцени дека Битиќи потценувачки ги ословил министерката и заменик-министерот. По собраниската седница реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ги осудија зборовите на Битиќи како „ниски навреди“ кон Димитриеска-Кочоска.