„Матица македонска“ ја почна акцијата „Мисли на македонски, читај домашно“

По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, и по повод 35-годишнината од основањето, „Матица македонска“ започна акција „Мисли на македонски, читај домашно“, која ќе трае до 27 мај во книжарниците и на веб-страницата на издавачката куќа.

По повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и 35-годишнината од основањето „Матица македонска“ започна акција „Мисли на македонски, читај домашно“, која ќе трае до 27 мај во книжарниците и на веб-страницата на издавачката куќа.

Како што се наведува во соопштението, во рамките на акцијата читателите ќе можат да набават стотици избрани наслови од македонски автори со попуст од 35 проценти, достапни во продажните места на „Матица македонска“ и онлајн на нивната веб страница – www.matica.com.mk.

Акцијата, велат, е конципирана како поширока културна иницијатива насочена кон зголемување на видливоста, достапноста и присутноста на македонската книга, со цел таа да биде дел од секој дом, семејство, училиште и лична библиотека.

– Според бројот на вклучени дела од современи македонски автори, ова е една од најголемите акции посветени на домашната книга организирани во самостојна Македонија. Во изборот се опфатени стотици наслови од различни жанрови и области: романи, поезија, раскази, драми, есеистика, книжевна критика, монографии, книги за македонскиот јазик, како и изданија посветени на македонската историја. Со тоа, акцијата го опфаќа широкиот простор на македонската книжевна, јазична, културна и историска меморија – стои во соопштението.

Со оваа акција, додаваат, „Матица македонска“ ја продолжува својата мисија за афирмација на домашната книжевност, поддршка на македонските автори и јакнење на врската меѓу книгата, јазикот и читателите, во периодот кога се одбележува делото на Св. Кирил и Методиј.