„Матица македонска“ го објави романот „Црниот гавран: останатиот“ од Васил Шклјар

Во издание на „Матица македонска“ е објавен романот „Црниот гавран: останатиот“ од истакнатиот украински писател Васил Шклјар, во превод од украински на македонски јазик на Вера Чорниј-Мешкова.

Првпат објавен во 2009 година, „Црниот гавран: останатиот“ е еден од најпознатите и најчитаните историски романи во современата украинска книжевност. Во неговото средиште е вооружениот отпор на востаниците од Холодни Јар против воспоставувањето на болшевичката власт во Украина во раните 1920-ти години – историско поглавје кое со децении било маргинализирано во официјалниот советски историски наратив, стои во соопштението од „Матица македонска“.

Врз документарна и архивска основа, но со силата на динамична и сугестивна романескна приказна, Шклјар создава дело за луѓето кои продолжуваат да се борат и тогаш кога историските околности речиси не оставаат надеж за победа. Историјата во романот не е само реконструкција на едно време, туку простор во кој се судираат слободата и покорувањето, верноста и предавството, љубовта и жртвата, достоинството и стравот.

Токму преку судбините на своите ликови, Шклјар отвора пошироки прашања за човековиот избор пред насилството на историјата, за односот меѓу личното и колективното паметење и за цената на слободата. Со впечатливи ликови, нагласено чувство за драматургијата на приказната и силен историски контекст, романот постигна голем читателски одглас во Украина и стана едно од препознатливите дела во опусот на авторот.

„Црниот гавран: останатиот“ е вброен и меѓу 100-те знаковни романи и повести на украински јазик, во избор претставен на книжевниот фестивал BookForum. Големиот интерес за делото доведе и до негова филмска адаптација: во 2019 година беше снимен долгометражниот историски филм „Црниот гавран“, во режија на Тарас Ткаченко.

Васил Шклјар (1951) е еден од најчитаните современи украински прозаисти. Во неговото творештво особено место заземаат историските теми, националната и културната меморија и драматичните индивидуални судбини поставени во пресвртни моменти од украинската историја. Неговата проза се одликува со динамична нарација, изразено чувство за драмски напон и постојан интерес за човекот исправен пред крупните историски и морални избори.

Преводот на македонски јазик е на Вера Чорниј-Мешкова, поетеса и преведувачка со долгогодишна посветеност на книжевните и културните врски меѓу Македонија и Украина. Македонското издание овозможува непосредна средба со романот преку превод директно од украинскиот оригинал, со зачувување на неговата историска атмосфера, јазична изразност и книжевна динамика.

Со објавувањето на „Црниот гавран: останатиот“, „Матица македонска“ ја продолжува својата определба на македонската читателска публика да ѝ претставува значајни дела од современите европски книжевности и преку непосредни преводи од изворните јазици да придонесува за нивно подлабоко книжевно и културно запознавање.

Романот на Шклјар до македонскиот читател пристигнува не само како сведоштво за едно драматично историско време, туку и како силна книжевна приказна за човекот пред изборот дали да се покори или да остане верен на сопственото достоинство, слободата и паметењето.