Макрон: Европа може да умре, потребно е создавање заеднички геополитички блок

Постои ризик Европа да умре, рече денеска францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот говор на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, во кој тој истовремено повика да се воспоставува пообединета, суверена и демократска Европа, наспроти, како што додаде, бројните геополитички и економски предизвици.

Битката за изградба на силна Европа, како што рече тој, е далеку од завршена и посочи дека таа ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува Ројтерс.

Според него, Соединетите Американски Држави се повеќе окупирани со нивните внатрешни проблеми, како и со односите со Кина, отколку што се заинтересирани за состојбата во Европа.

„Мораме да ни биде јасно дека нашата Европа може да умре“ – рече Макрон.

Макрон предупредил дека правилата на игра се сменети, но и дека Европа не е вооружена, како што додал, да се соочи со ризиците.

Британски „Дејли телеграф“ пишува дека Макрон во својот говор рекол оти се завршени деновите кога Вашингтон ја гарантирал безбедноста на Европа, како и дека тоа најмногу било изразено по, како што додал, инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја извршил во Украина и со тоа ја донел војната во дворот на Европа.

„Војната е на европска територија и ја спроведува некој што има нуклеарна моќ“ – рече тој.

„Дојче веле“ пак, пренесува дека Макрон веќе долго време ги повикува земјите од ЕУ да се етаблираат како кохезивен геополитички блок поради ривалството меѓу САД и Кина.

Според него, опстанокот на Европската Унија зависи само од изборите на земјите членки на ЕУ.

Во говорот вели и дека ја поддржува и политиката за постигнување „стратешка автономија“ за која се залага Брисел.

„Европа мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара и со сите други региони во светот“ – рече Макрон.