
Македонија по пет години се враќа на Евросонг, соопшти МРТВ
Враќањето го потврди директорот на Македонската радио телевизија, Зоран Ристоски, кој најави и поинаков пристап кон изборот на македонската песна.
По пауза од последното учество во 2022 година, Македонија во 2027 година во Бургас, Бугарија, повторно ќе има свој претставник на Евровизија. Враќањето го потврди директорот на Македонската радио телевизија, Зоран Ристоски, кој најави и поинаков пристап кон изборот на македонската песна.
Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година во Торино, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“. Таа не успеа да се пласира во финалето.
Македонија досега 19 пати настапила на Евросонг. Најдобриот успех на Македонија бил забележан во 2019, кога Тамара Тодевска со „Proud“ (музиката ја направија Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветковски, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска) го освои седмото место во целокупен пласман и прво место од гласовите на жирито.
Како резултат на лошиот пласман во изминатите години, но и од финансиски причини, Македонија од 2023 година не учествува на Евровизија. Македонската радио телевизија (МРТ), како носител на лиценцата за учество на најголемиот европски музички натпревар, најави подготовка за враќање во 2027 година со „квалитетен производ и јасна концепција“, што сега се остварува.
Новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски, соопшти дека телевизијата разговарала со претставници на Европскиот радиодифузен сојуз и дека е обезбедена поддршка за враќањето на Македонија. Најавено е и дека ЕБУ би можел да помогне во промоцијата на македонските културни вредности и настапот на земјата.
Нејасно е дали македонскиот претставник ќе биде избран преку интерен конкурс или преку фестивалско издание по примерот на некогашниот Скопски фестивал.МРТ најавува поинаков пристап кон изборот, но деталите за процедурата и претставникот допрва треба да бидат објавени.
Владо Јаневски влезе во историјата како прв претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија. Во Бирмингем (В.Британија) првпат на најголемата европска сцена и во домовите на преку 150 милиони ТВ гледачи ширум светот одекна македонскиот јазик преку незаборавните стихови на “Не зори, зоро” (муз.: Г.Копров текст: В.Јаневски арр.: В.Скендеровски, вокали: Т.Станковиќ и С.Чепишевски, диригент А.Џамбазов).