Лајчак: Договорено продолжување на разговорите врз основа на конкретни предлози

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, соопшти дека главните преговарачи на Србија и Косово се договориле на денешната средба во Брисел преговорите да продолжат следната недела.

– Денеска бев домаќин на серија билатерални состаноци со главните преговарачи на Косово и Србија со цел да ја продолжиме нашата дискусија за привремено решение за оние кои се најпогодени од одлуката на Централната банка на Косово, наведе Лајчак на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека страните се согласиле следната недела да продолжат со напорите врз основа на „конкретни предлози за текст“.

Петар Петковиќ, главниот преговарач на Србија, по средбата во Брисел за прашањето за динарот изјави дека тоа била петта средба, дека се немаат поместено и дека Приштина не сака да се најде решение.

– Белград направи се за да се најде решение и достави конструктивен предлог, кој Лајчак го оцени како солидна основа за продолжување на разговорите, но проблемот е што Приштина отфрла се што е предлог на српската страна, рече Петковиќ и додаде дека затоа немаше трипартитна средба бидејќи Приштина немаше предлог, а не сака да разговара за предлогот на Белград.

Главниот преговарач на делегацијата од Косово, Бесник Бисљими, изјави дека средбата била бескорисна и дека српската делегација не дошла со идеја како да се справи со првичниот предлог на Мирослав Лајчак, туку презентирала свој предлог, наведувајќи дека следните разговори ќе бидат фокусирани исклучиво на предлогот на ЕУ.