Курти: Косовската полиција не е насочена против Србите

Косовскиот премиер, Албин Курти денеска изјави дека безбедносните власти не прогонуваат никого на етничка или верска основа, туку исклучиво врз основа на индивидуално или групно однесување и постапки.

„Косовската полиција никогаш не е насочена, охрабрувана, ориентирана против Србите. Напротив, има дополнително внимание за Србите во Косово, токму поради различните погрешни толкувања што може да ги направи нашиот северен сосед“, рече Курти пред членовите на косовскиот парламент.

Косовскиот премиер изјави дека официјален Белград сфатил дека не може да ги раздели Албанците и Србите и дека овие две заедници се во секојдневен контакт на Косово.

Тој додаде дека е во постојана консултација со меѓународниот фактор.

„Но, мора да разберете дека тие очекуваат да бидеме на висина на задачата во нашата земја. Тие се амбасадори на Квинтата, но не можат да станат министри, државата останува“, рече тој.

Земјите на Квинтата се САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија.

Во меѓувреме, неименуван функционер на Европската Унија (ЕУ) предупредил дека ситуацијата на северот на Косово е сериозна и дека станува збор за ескалација на „која сме сведоци во последните недели“, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Неименуваниот функционер потсетил на предупредувањата од Брисел дека акциите на двете страни (Приштина и Белград) водат кон ова.