Колумна на Мирослав Драганов: Податоци или предрасуди

„Демократија е кога двајца ниско интелигентни поединци ќе го надгласаат Ајнштајн“. Како ви изгледа оваа реченица? Има вистина во неа? Ајде на кратко заеднички да погледнеме една иста работа од повеќе перспективи за да видиме што сè може да произлезе. Ќе се фокусираме главно на податоците и предрасудите и како и колку се тие меѓусебно зависни.

Веројатно често сте го сретнале поимот data science во последниве години. Овде нема да навлегувам во детали, туку ќе се задржиме на податоците (data) и да нагласиме дека тие може да се обработуваат и користат во научни, политички, бизнис, маркетинг, но и во многу други цели. Како на пример целта може да и биде креирање предрасуди, а може да биде и само објективна статистичка операција. Но, понекогаш тие податоци може да се искористат на овој или на оној начин назависно од тоа кој и како ги креирал, туку во зависност од тоа кој и како ги чита и интерпретира, а со тоа носи и заклучоци! Значи, подеднакво важни се двете страни „од паричката“ или поточно кажано: најмалку двете страни, бидејќи ништо не е сè само така црно и бело (дводимензионално).

За да биде едноставно и разбирливо за сите, ајде да го земеме предвид случајот кој деновиве е актуелен на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ и неговиот влез во Австралија. Јасно е дека тој случај има многу агли од кои треба да се разгледува, но за потребите на оваа колумна да го погледнеме само оној агол според кој еден добар дел од македонската јавност, претежно на социјалните медиуми, го поистовети овој случај со „балкански синдром“ (за него) наспроти „организирана држава“ (за Австралија). Првото прашање што ми дојде беше „Од каде пак произлезе овој заклучок?“ И одговорот набрзо ми стана многу јасен – од податоците и нивното поврзување со она што се нарекува “unconsciously biased” (несвесна пристрасност)!

Ајде најпрвин за податоците. Мора да признаеме дека голем број статистички податоци што се собираат и што се јавно објавени за балканските држави и балканските народи, даваат лоша слика за нас, помалку или повеќе. Таа слика особено изгледа полоша кога овие податоци се споредуваат со развиените економии од западот, а многу често тоа се прави без да се има предвид целокупниот контекст. Но, како и да е, тие податоци, што најчесто прикажуваат дека „двајца ниско интелигентни поединци го надгласале Ајнштајн“, најчесто се интерпретираат со претпоставка, предрасуда или најпрецизно со “unconsciously biased” (несвесна пристрасност) од оние кои ги читаат. Од таквото интерпретирање на податоците произлегува (преран и избрзан) заклучок  дека и „Ајнштајн“ е автоматски еднаков со оние двајцата (кои се нели  поголемо мнозинство) без да се примени индивидуален пристап во конкретниот случај.

Оваа теза може да биде и обратна (иако поретко, ама кај нас често и така некако се доживува). На пример кога податоците покажуваат дека двајцата се ниво на Ајнштајн (мнозинството), а еден е само ниско интелигентен поединец. Тоа не значи дека секој еден што ќе се сретне од тоа општество е на ниво на Ајнштајн, нели?

Од друга страна пак податоците се особено важни за да се извлечат какви било порелевантни заклучоци отколку заклучоците да се вадат „окативно“ (од око). Па така ќе слушнете некоја ваква комуникација:

– Ви велам 90% е вака.

– Аха, а од каде е овој податок?

– Не, немам конкретен податок, ама очигледно е дека е вака…

Или пак некогаш ќе слушнете дека некој е унапреден во вашата организација, испратен на надградба или пак награден на друг начин, но не се знаат точните податоци врз основа на кои тоа е направено. И најважното прашање, дали вие би сакале тој начин (заснован на податоци) да биде применет на сите, па и на вас лично?

Или пак ќе слушнеме дека илјадници млади се иселиле од Македонија, ама реалните причини за заминувањето на секој од нив не ги знаеме, ниту пак имаме детална статистика, ниту пак релевантни параметри (индикатори) по кои тоа ќе се мери!? Наспроти ова имаме делумно маркетингшко споделување, во зависност од тоа кој го прави тој маркетинг (најчесто без да се прикаже целата слика, без да се размисли за последиците и  влијанието врз другите или пак без да се има предвид етиката и општествената одговорност).

Од овие примери може да разбереме зашто креирањето на податоците е прв важен предуслов и тоа креирање да е што подателано и од што повеќе перспективи. Потоа како втор предуслов важна е и целта за нивното креирање и презентирање која треба да биде добронамерна и да е од особена полза за оние за кого тие податоци се наменети. Ова можам да го потврдам и од перспектива на иновативниот систем (софтвер) за човечки ресурси што WIDNET Solutions го осмисли и веќе го имплементира во организациите кои навистина сакаат да имаат релевантни податоци како поткрепа за нивните одлуки.  А третиот важен предуслов е да имаме што посвесни интерпретирачи на тие податоци, кои нема да се водат од несовесна пристрасност и нема веднаш да креираат предрасуди, туку ќе знаат да разграничат поопшта статистика од индивидуализирани податоци во конкретни случаи. Во превод, никој не е ниту Ајнштајн, ниту ниско интелигентен поединец, сè додека не истражиме доволно за него, а општите податоци се само еден сегмент од тоа истражување. И секако кога велам „интелигенција“ мислам на минимум пет вида интелигенција. Но, за тоа во некоја следна прилика. Дотогаш, ајде сите заедно (особено младите каде и да сме во светов) да ги подобриме статистиките за конечно да покажеме друг наратив за „балканскиот синдром“!

Мирослав Драганов

                                                                                          Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions