Лазаров: Политичка криза нема, но има недоразбирања кои се несфатливи за целиот свет кој го следи овој процес!

„Недостигот на разбирање и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија негативно влијаат врз деловната клима и трговските односи меѓу двете држави. Потребен е развој на економијата, проекти и инвестиции кои ќе го поплочат патот на политиките за полесно да дојдеме до решение“. Ова во интервју за порталот „Локално“ го изјави претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора – Кирил Лазаров.

Тој вели дека до првото вето од страна на Бугарија, економските односи меѓу двете држави биле во нагорен тренд и дека актуелната ситуација само ги оддалечува двата народа.

„Политичка криза нема, но има недоразбирања кои се несфатливи за целиот свет кој го следи овој процес од блиску. И, тоа се наметнува до таа мера што ќе предизвика аномизитет и недоверба помеѓу народите. Сериозните инвеститори нема да сакаат да инвестираат во земја која нема јасен патоказ и преспектива кон ЕУ, па не еден, туку сто берлински процеси да има. Едноставно пазарот е мал, ограничен и непродуктивен, затоа ни треба ЕУ пазарот. Блокадата од Бугарија ни нанесува и сериозни економски штети затоа што ги одвраќа сериозните инвеститори. Лоша тактика на Бугарија, односно на политичките елити таму. Но, во светло на идните односи и новите политички номенклатури во Бугарија, како и на стратешките интереси на САД и ЕУ на Балканот, можам да заклучам дека сепак работите ќе одат во многу попозитивен правец. Нема друга алтернатива, тој е патот“ рече Лазаров.

Тој посочува дека во светот постојат политички недоразбирања меѓу некои земји-членки на ЕУ, но оти економијата функционира. За посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков закажана за 18. овој месец и дали се можни олеснувања во меѓусебните односи, Лазаров со став дека не гледа друга алтернатива.

„Не дали треба или сакаме, туку новиот свет наметнува дека мораме. Ќе си дозволам да коментирам малку геополитика – официјална Софија често милува да каже дека клучот односно патот на Македонија е преку Софија, во ред, но и одговорноста за можна нестабилност или мешање на други регионални и геополитички сили кои не делат исти вредности со ЕУ ќе биде тие што го имаат клучот. Газда без одговорност не постои, клучот е во Софија и за можноста овие народи место да соработуваат да се замразат и за последиците ќе одговара кај оној кај што е „клучот“. Јас мислам дека клучот е кај Брисел и Вашингтон, но до кога со странски помагачи? Доволно сме зрели и рационални за сами да се договориме ако имаме европски дух“ – вели Лазаров.