Колумна Корубин: Однапред избран

Партијата бира претседател. Истата партија или партии кои потоа „владеат” со државата. Вежбаат демократија, за потоа доследно да ја применат во системот на државата. Но, дали е тоа навистина демократија и дали во партијата може да очекуваме демократија? Партијата, како правно лице, е исто така дел од правниот систем на државата. Подлежи на закони и правила.

Според тоа, како што се очекува сите правни лица да ги почитуваат законите, истото се претпоставува и за партијата. Но, во случајот на партиите, покрај претпоставеното почитување на закони и правила, особено се очекува спроведување на демократија на дело, бидејќи партијата и постои, како механизам, да учествува на демократски избори, за во демократска држава, во точно определен мандат, нејзините претставници да обавуваат државни јавни функции. Значи демократија мора да има и има. Ама, декларативна.

Како изгледа во пракса, декларативната демократија? Тоа го гледаме деновиве при изборот на партиски претседател во две партии. Па, иако едната е отидена чекор напред во декларативната демократија (членството бира), суштински истата автократска матрица е присутна, само механизмот е отежнат и усложнет, но пораката е пратена: лидерот избра за лидерот да биде избран. Затоа што, како поинаку да се толкува фаворизирање на еден кандидат, на сметка на други, од партиска функција/функционер кој нема никаква улога или барем нема значајна улога во изборот на нов претседател. Ако, сите членови бираат, и ако тие законски се еднакви, и ако изборите се тајни, како воопшто може било кој член да фаворизира друг? Каде е тука „тајното гласање”, а и каде е еднаквиот третман?

Тоа неволно глумење демократија, таму каде што суштински ја нема, само длабински го компромитира и така разградениот систем, најпрвин во партијата, па потоа преку партократијата која води директно во државата, односно ја води самата држава. Таа интимна, внатрешна (партиска) пракса на гола форма во функција на лична, клановска узурпација; потоа само се проектира на државата. Па, како што се третираат партиските органи (кулиси за претставата), така потоа и се третираат државните органи. За тоа е даден секаков вид на опис – „заробена држава” „хибриден режим” „анти-систем” „партократија”; но суштината е иста: системот/државата е целосно во служба на личниот/групниот/клановскиот интерес и тој интерес го спроведува преку „сопствените” партии. Ама, се чини, сопствени во вистинска смисла. Каква улога, освен формална за да се задоволи законот (како форма), во ваква ситуација имаат органите на партијата, кога нејзините членови, поради кои партијата и постои, се третираат како гласачи кои не може самите да одлучуваат за ништо, односно во случајов единственото нешто, без разлика дали е тоа преку органите на партијата или директно со својот глас? Ама, гласот насочен.

Затоа членовите се тука декор, а поддржувачите нужно зло. Затоа што декорот има намена, да глуми демократија. Односно, точно одредена зададена улога. Затоа што ако имаше вистинска демократија, односно систем, тие ќе можеа да бираат, а не да следат насоки. И ќе реагираа на секоја злоупотреба и наметнат дискурс. Како недемократски и непринципиелен чин. Ама, молкот говори сам за себе. И не овој молк сега, туку молкот низ годините. Дали членовите на една партија реагираат на овие злоупотреби, маскирани во „личен став” и особено преку релативизирањето во најразлична, најчесто чисто поданичко/полтронска логика. Тоа е внатрешна работа, велат. Ама, дали е навистина така? Затоа што ако партијата делува во јавниот простор, ниту една пракса или делување внатре во партијата, не е внатрешна работа. Затоа што суштинското непочитување на органите и механизмите внатре во партијата, предвидени со закон, за сметка на нивно обично, речиси „присилно” почитување, од што „се мора”, е „добро” воспоставена и научена пракса, која што потоа само ќе се преслика во обавувањето на јавна функција. Тоа едноставно станува навика. Навика за глумење демократија.

Во таква констелација, претседателот е однапред избран. Во манирот на декларативната демократија. Во добрата пракса, на „моја” партија, „моја” држава. Или државата тоа сум јас. Иако, тоа „јас” кај нас е проширена категорија, па може да станува збор за индивидуалци, но и цели групи, струи, кланови, и што уште не и каде се’ не во формата наречена „правен систем и институционална поставеност”. Форма наместо суштина. И, иако во „трката” има и една жена, женскиот род не го употребувам. Бидејќи таа е однапред осудена. За да не биде избрана. Како уште една фарса на декларативната демократија, во делот на 50/50, жените се еднакви, жени на високи позиции, жени насекаде, ама строго селектирани и подобни. Како и за мажите впрочем. Подобноста нема родова предиспозиција, ама затоа неподобноста е строго индивидуализирана.

Затоа, во вакво партократско општество, каде цела држава е упатена на партијата/партиите, сите ги исчекуваме однапред избраните. Во строго контролиран дискурс, со сета „независна” медиумска помош, брзински градиме став за избраните, односно како на филмска лента се исцртува „ликот и делото” на избраниот/е. Со сите потребни „лидерски способности”, накитени околу генеричкиот лик, кој и самиот во ваква констелација, иако доброволно, го изгубил правото на сопствената индивидуалност. Бидејќи е избран од друг. За моќта и влијанието да се продолжат. Ако ви се чини дека ова не наликува многу на демократија на која сите декларативно се повикуваат, добро ви се чини. Не е до вас, до другите е. Што мислат дека секоја приказна може добро да се продаде. На читателите, на публиката. А, публиката чека, барем онаа која им е потребна.

Ave Caesar! Арената е спремна.