Кинеската компанија „BYD“ продала повеќе електрични автомобили од „Тесла“

Кинеската компанија „BYD“ продала повеќе електрични автомобили од „Тесла“ во последните три месеци од минатата година, додека двете фирми се борат за првото место во овој сектор. „BYD“ објави дека продала рекордни 526.000 целосно електрични возила во последното тримесечје од 2023, со што за првпат успеала да ја надмине компанијата на Илон Маск.

Сепак, „Тесла“ продала повеќе автомобили во текот на целата 2023, вклучувајќи 484.500 во последните три месеци.

Минатиот јануари, Маск изјави дека „Тесла“ има потенцијал да продаде два милиона електрични возила во 2023, но оваа цел сепак не беше остварена, откако вкупната продажба изнесувала 1,8 милиони.

„BYD“ пак лани продала повеќе од три милиони автомобили, што вклучува и хибриди.

Оваа кинеска компанија почна со работа во 1995 и првично се прослави со производството на батерии за смартфони, лаптопи и други електронски уреди. Во автомобилската индустрија влезе во 2002 со купувањето на пропаднатата компанија „Шјинчуан“.