Казни за сите невакцинирани над 60 години во Грција

Сите невакцинирани граѓани во Грција кои имаат повеќе од 60 години, а досега не примиле барем една доза од вакцината против Ковид 19 ќе бидат казнети со парична казна од 50 евра за јануари и по 100 евра за секој нареден месец.

Вквата мерка грчките здравствени власти ја соопштија на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против Ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година“.

Казната ќе ја заверува и наплатува Независната управа за јавни приходи, а собраните средства ќе се користат исклучиво за зајакнување на националниот здравствен систем во битката со пандемијата.

Од задолжителната вакцинација ослободени се оние кои прележале Ковид-19 во последните 180 дена, оние кои се вакцинирале во странство, како и оние кои имаат докажани здравствени причини кои ги спречуваат да се вакцинираат.

Од конкретната старосна група, вакцинирани се девет од десет граѓани, а невакцинирани, според грчките медиуми, се над 300.000 лица.