И СДСМ и ДУИ се против барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори

Ова е одговорот од премиерот Ковачевски до опозицијата, откако од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека бега од изборно соочување и го повторија нивното барање за што поскоро одржување на предвремени парламентарни избори како излез од кризата.

Според Ковачевски, она што се случувало додека ВМРО-ДПМНЕ била на власт, сега се случува во Град Скопје и во другите општини каде ја имаат локалната власт, каде според него ситуацијата е катастрофална.

-Не може да биде изговор на ВМРО-ДПМНЕ дека се скарале со градоначалничката, која што е нивни кандидат, тие одеа по Скопје да ја промовираат, не одев јас, и сега да кажуваат ние се скаравме, ама за да можеме добро да го управуваме Скопје, ни требаат парламентарни избори. Тоа не поминува. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините.- Димитар Ковачевски.

На иста линија со Ковачевски е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети според кој избори во моментов не се решение, а државата треба да се фокусира на скринингот и продолжување на преговорите со ЕУ. Ахмети негираше дека преговорите со Алијанса за Албанците за влез во Владата се за зајакнување на позицијата на ДУИ откако т.н. „огнена група“ и откажа доверба на неговата партија. Вели преговорите се за европската иднина на Македонија, но не откри дали и кои министерски места би и ги остапила ДУИ на партијата на Таравари.

Во меѓувреме останува неизвесно до каде се преговорите на Алијанса за Албанците за влез во Владата. Оттаму за Канал 5 велат дека нови детали нема, а ако добијат некоја конкретна понуда нивниот влез во мнозинството нема да биде безусловен, туку ќе настапат со конкретна платформа и барања, како што велат, во интерес на граѓаните и државата без да конкретизираат кои се тие.