Зеленски: Русија планира нешто на југот, но ние се држиме

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, доцна синоќа на „Телеграм“ напиша дека руските сили „планираат нешто на југ“.

„И покрај екстремно големите руски загуби, окупаторите се уште се обидуваат да напредуваат во регионот на Доњецк, да се зацврстат во Луганск, да се преселат во Харков, тие планираат нешто на југ“, рече тој, пренесе „Гардијан“.

„Но, ние се држиме и – што е најважно – не му дозволуваме на непријателот да ги исполни своите намери“, додаде тој.

Олександр Старук, шеф на регионалната воена управа на регионот Запорожје, рано утринава на „Телеграм“ изјави дека руските напади во текот на ноќта во областа погодиле локација за дистрибуција на гас, предизвикувајќи пожар кој во меѓувреме е изгаснат. Нема повредени или жртви, пренесува „Гардијан“.

Старук изјави дека оштетувањето на локацијата е резултат на ракетен напад, „веројатно С-300“.