ЕУ одобри 6,1 милијарда евра помош за Украина, Лондон најави производство на „Скалп“

Европските лидери, меѓу кои и британскиот премиер Енди Бурнам, денеска се собраа во Киев за одбележување на 35-годишнината од независноста на Украина, додека Европската Унија и Велика Британија ветија нова воена помош за земјата во нејзината одбрана од Русија.

Европските лидери, меѓу кои и британскиот премиер Енди Бурнам, денеска се собраа во Киев за одбележување на 35-годишнината од независноста на Украина, додека Европската Унија и Велика Британија ветија нова воена помош за земјата во нејзината одбрана од Русија.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, беше меѓу лидерите кои отпатуваа за Киев, откако Брисел одобри транша од 6,1 милијарда евра (7,1 милијарди долари) наменети за системи за противвоздушна одбрана, ракети, муниција и радарски системи.

Оваа помош е дел од заемот на ЕУ за поддршка на Украина во вредност од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година, наменет за нејзината одбрана од руската инвазија.

Пред своето прво меѓународно патување, британскиот премиер Енди Бурнам најави дека Велика Британија ќе ѝ помогне на Украина во производството на ракети со долг дострел „Скалп“, преку споделување на нацртите за британските компоненти со Киев.

Станува збор за француски верзии на британските ракети „Сторм шедоу“, кои Украина ги користи за напади врз цели во Русија, а Киев и Париз планираат да воспостават локални линии за нивно производство во Украина.

Москва ги критикуваше ваквите планови, при што портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Лондон дека „долева масло на огнот“ во војната.

Денот на независноста на Украина се одбележува во чест на Декларацијата за независност од Советскиот Сојуз, усвоена на 24 август 1991 година. Во своето обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски упати директен предизвик до рускиот претседател Владимир Путин, порачувајќи дека Москва мора да биде принудена да клекне на колена преку единството на меѓународната заедница.

– Во сите свои планови за Украина, Путин ја погреши најважната работа – рече Зеленски, оценувајќи дека Русија го потценила украинскиот народ.

– Путин сакал да ја направи Русија голема, рече Зеленски – но денес во земјата има долги редици на бензинските станици, додека неговите војници на бојното поле се претвораат во „ѓубриво“ под ударите на украинската армија.

Сепак, Зеленски призна дека ситуацијата е „навистина, многу тешка за сите нас“, но повторно го отфрли барањето на Русија за Украина да ѝ го отстапи регионот Доњецк.

– Никој не верува дека тоа би ја запрело војната, рече Зеленски. Ние не им веруваме. Украина стана поинаква земја и нема да се откаже од ништо. Земјата „не е жртва, туку борец“, изјави Зеленски.