Економијата во земјава закрепнува и покрај пандемијата, предизвик сега е енергетската криза

Економските експерти во земјава порачуваат дека економијата во земјава полека закрепнува иако речиси две години трае пандемијата на коронавирусот.

Надлежните со шестте пакети мерки кои ги донесоа како поддршка за стопанството и за граѓаните дадоа позитивно влијание и придонесоа за зачувување на работните места. Потврда за тоа пристигна и од Меѓународниот монетарен фонд.

Сепак, нов предизвик е енергетската криза која ќе покаже дали ќе има доволно електрична енергија, колкава ќе биде нејзината цена и колку кризата ќе се одрази врз работата на компаниите.

Проф. д-р Марјан Петрески од Универзитетот „Американ колеџ” Скопје во интервју за државната МИА вели дека пакетите мерки извршиле значајно позитивно влијание, односно спречиле падот на доходот да биде значајно поголем.

-Неодамнешната ревизија на растот на БДП во третиот квартал од 2020 година, од -3,3 на -5,9 проценти укажува дека влијанието на мерките веројатно било помало од она што првично се мислеше, меѓутоа сепак тој пад ќе беше подлабок од -9 отсто без мерките. Според пресметките, клучната мерка за зачувување на работните места, субвенцијата од 14.500 денари по работник во погодените компании, придонела за зачувување на околу 60.000 работни места од 75.000 кои биле на работ да бидат изгубени, но се разбира, дел од работните места сепак беа изгубени. Социјалните мерки, пак, првенствено полабавите критериуми за доделување гарантирана минимална помош и еднократните плаќања по 3.000 до 9.000 денари на различни категории ранливи граѓани овозможиле доходот кај посиромашните слоеви да биде спасен во обем од 30 до 50 отсто, вели Петрески.

Според неговите пресметки, извршената вредност на пакетите економски и социјални мерки за справување со Ковид-19 изнесува околу 600 милиони евра, што е отприлика половина од нивната програмирана вредност, или близу 6 отсто од БДП.

Тој ги вклучува и проценките за мерките за ослободување или одложување одредени плаќања, како на пример за одредени даночни обврски.

-Клучното прашање во однос на пакетите мерки во моментов е дали и како функционира нивната развојна компонента, што е од особена важност за поддршка на закрепнувањето, низ кое се движиме сега, но многу побавно од првично очекуваното. Некои од мерките како намалување на царините на клучни суровини, фондовите за извоз, гаранциите преку Развојната банка, се во фаза на имплементација, меѓутоа тоа би требало да се движи со позабрзана динамика, за да може да се каже дека го помага закрепнувањето во моменти кога тоа е најмногу потребно. Очекувам дека 2022, во контекст на анти-Ковид-19 мерките, ќе помине во тој дух, порачува Петрески.