Една година од трагичната автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица

На денешен ден пред точно една година се случи стравичната несреќа на автопатот Струма во Бугарија во која автобус од Македонија удри во заштитна ограда и изгоре, при што загинаа 45 македонски државјани, а седуммина беа повредени. Автобусотот на компанијата „Беса турс“ се враќал кон Скопје од туристичко патување во Истанбул.

Сите 45 жртви во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ починале како резултат на задушување во пожарот кој избувнал по сударот на автобусот со банкината, соопшти бугарското обвинителство. Истрага покажа дека ниту еден патник не настрадал од трауми како последица на самиот удар. Сите загинати биле живи во моментот на избувнувањето на пожарот.

Бугарските обвинители ги отфрлија шпекулациите дека во автобусот се превезувале канти со нафта или бензин и дека тоа ја предизвикало трагедијата. Исто така, немало ниту еден сведок на настанот, освен седумтемина преживеани патници. Истрагата утврди дека причина за несреќата била човечка грешка, која била дополнета и од „лошата сигнализација на патот и банкината“ кои не биле според стандардите.

Реконструкцијата на настанот покажа дека автобусот од, досега неутврдени причини, свртел кон десно и удрил директно во банкината. Се претпоставува дека лошата сигнализација на патот можеби го довела во заблуда возачот на автобусот. По ударот, од десната страна на автобусот останала заглавена банкината. Самото влечење на металната ограда под автобусот предизвикала големи искри кои предизвикале палење на нафтата и маслото во автобусот. Резервоарот за гориво на возилото се наоѓал токму од десната страна која директно удрила во заштитната ограда. Огнот кој избувнал во предниот дел од автобусот не им дал шанса на патниците да побараат излез од предната врата, па сите поитале кон задната. Но таа била заглавена од оградата на патот. Според првичната верзија, седум патници кои се наоѓале во задниот дел на автобусот успеале да се спасат.

Во тек се две истраги за случајот – една во Бугарија и една во Северна Македонија. Се утврдија многу недостатоци на автопревозникот Беса транс, за што се води постапка во Македонија.

Истрагата на бугарско обвинитeлство не е затворена. Роднините на настраданите имаат право да направат увид во доказите, по што случајот, кој во моментот е запрен, може да биде затворен. Исто така бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на патот на кој се случи несреќата, но независно од наодите, тоа не ја менува досегашната теза дека вината е кај возачот.

Адвокатски тим од Бугарија, кој застапува пет семејства на загинатите од Македонија, оспорува досегашната истрага. Компанијата во која е осигуран автобусот е согласна да ги обесштети семејствата на загинатите по бугарските, односно европските лимити, кои одат до 5,2 милиони евра вкупно за сите настрадани. Дополнително, преку граѓанска постапка против тамошната Агенцијата за патна инфраструктура, правниот тим се надева дека ќе издејствува фамилиите да поделат уште 10 милиони евра отштета.

Денешниот датум ќе остане запишан со црни букви во историјата на Македонија. На автопатот Струма само венец на претседателот Стево Пендаровски потсетува дека на ова место се случи трагедија на автобусот на „Беса транс“ во која животот го загубија 45 лица.

Една година подоцна на местото на несреќата пак некои работи се сменети. Заштитната ограда е заменета, а има и површен обид да се поправат ознаките на патот. Местото на исклучување било исчистено. Досега се направени неколку подобрувања на патната сигнализација, има нови знаци, а поставени се и нови системи за задржување.