Наставничкиот совет ги исклучи учениците од Трстеник кои се изживуваа врз наставничка

Наставничкиот совет на Техничкото училиште од Трстеник донел одлука да ги избрка учениците кои кои брутално се изживуваа врз наставничка, повлекувајќи ѝ го столчето на кое седеше, пренесуваат српските медиуми.

Активот на директори на основните и средните училишта во Трстеник вчера најостро го осуди насилството што се случи во Техничкото училиште и побара сторителите на инцидентот да бидат казнети.

Активот по средбата излезе со заеднички став: целосна поддршка за нападнатата професорка по англиски јазик Марија Стевановиќ и вработените во училиштето.

„Недозволиво е некој да биде изложен на насилство и да се чувствува небезбедно во својата околина или на работното место“, изјави Милена Турк, претседателката на општината, која ја иницираше средбата на Активот.

Во Техничкото училиште во Трстеник пред една недела се случил инцидент во кој учествуваа тројца ученици и еден наставник. На социјалните мрежи беше објавено видео од непримерниот настан, а многумина го осудија однесувањето на учениците кои ја снимиле професорката додека ја малтретирале.

Наставничката која беше жртва на немилиот настан во изјава за српските медиуми рече дека не била ни свесна за тоа што се случило на часот. Дури кога дошла дома и синот и го покажал видеото, сфатила што ѝ се случило.

„Отидов кај специјалист. Сите прегледи што можев ги направив во здравствената установа во Трстеник. За подетални прегледи ќе треба да одам во поголеми клиники“ – рекла професорката.