Д-р Јовев: Тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна, да ги оставиме професионалците да си ја вршат работата!

Професорот Сашко Јовев кој е променет од директорската позиција во Кардиохирургија, посочува дека министерот за здравство Фатмир Миџити го променил поради некаква протоколарна грешка за настан кој го организирала Клиниката. Тој кажа дека не излегол само тој жртва, туку и Кардиохирургијата. Според Јовев, Меџити се налутил оти доцна бил поканет.

„Во 35 години немав еден ден боледување земено. Минатата недела имав такви притисоци, што морав да се тргнам малку и да земам боледување кое денеска го прекинав поради ова. Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол, при еден прекрасен настан во саботата, кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот. Кога пуштивме во употреба апаратот кој одржува во живот човек без срце и бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи, уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека касно му била дадена поканата, дека нешто порано ја добил премиерот. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината и за на крајот да излезам жртва. Не излегов јас само жртва, излезе жртва Кардихирургијата.

За поддршката пред Клиниката, кажа дека се организирале 1.300 пациенти да дојдат.

„Ова е само дел од поддршката, бидејќи не сакавме да ја правиме пооглема и да прерасне во нешто друго и да се исполитизира ова. Ова е мојот тим кој чуда прави и кој работи 24/7, а не спие на чело со мене. Овде се некои од пациентите на кои се направени големи операции и многу други се јавија – пациенти, колеги, пензионирани доктори, пензионери. Околу 1.300 сакаа да дојдат, им рековме да не доаѓаат. Конечно мора да победи правдината. Не сакаме да се работи по политика туку по професионалност. За она што го работиме 24/7 и за она што се жртвуваме“, рече Јовев.