
Долгот на државата кон приватниот сектор достигна 315 милиони евра
На крајот од јуни доспеаните обврски на државните институции, според податоците од Министерството за финансии, достигнаа 692.523.113 евра и за шест месеци или во однос на крајот на декември 2025-та, тие се зголемени за 26.370.000 евра.
На крајот од јуни доспеаните обврски на државните институции, според податоците од Министерството за финансии, достигнаа 692.523.113 евра и за шест месеци или во однос на крајот на декември 2025-та, тие се зголемени за 26.370.000 евра. Пораст на доспеаните, а неплатени обврски има и на квартално ниво, за дури 17.550.000 евра, додека пак во однос на лани истиот период долговите се зголемени за речиси 3.000.000 евра.
Доспеаните, а неплатени обврски кон јавниот сектор достигнаа 344.502.000 евра и во однос на состојбата со крајот на минатата година, тие се зголемени за околу 15.000.000 евра. На второ место се обврските кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации, во износ од речиси 315.200.000 евра и овој долг за шест месеци е зголемен за 20.300.000 евра.
Долговите на државата кон физички лица на крајот од вториот квартал изнесувале нешто над 3.000.000 евра и во однос на крајот на декември има намалување. Во анализираниот период, намалување има и на доспеаните, а неплатени обврски кон странство, кои на крајот на јуни изнесувале скоро 30.000.000 евра.
Конкретно, на прво место со долг кој достигна речиси 91.400.000 евра е МЖ Инфраструктура, а на второ е МЖ Транспорт со доспеани, а неплатени обврски во износ од речиси 80.000.000 евра, или долгот само на овие две фирми под државна контрола надмина 171.000.000 евра. На трето место со доспеани, а неплатени обврски е ЈУ од областа на здравството (заедничката служба за потребите на здравствените институции) со долг од безмалку 35.000 000 евра. ЕСМ – за производство на струја има обврски во износ од 33.900 .000 евра, а ЕСМ – дистрибуција околу 30.000.000 евра. На новата листа на Министерството за финансии се наоѓаат 903 државни институции, агенции, комисии, општини, државни фирми, локални и градски јавни претпријатија, училишта, болници, институции од социјалната заштита и културата, судови, факултети, обвинителства, министерства, кои пријавиле дека имаат доспеани, а неплатени обврски.