Деспотовски: Ја почнуваме 2024-та со нова инвестиција

Компанија од атрактивна технолошка дестинација од Југоисточна Азија е новата странска инвестиција со која Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) ќе ја почне 2024 година. Како што открива директорот на Дирекцијата Јован Деспотовски во интервју за МИА, инвестицијата ќе биде објавена утре, локацијата е ТИРЗ Скопје 1, а до крајот на инвестицискиот период само за плати предвидува над 15 милиони евра годишно.

Со оваа инвестиција, според Деспотовски, се отвора целосно ново поглавје во однос на типот и квалитетот на вложувањата, посебно од аспект на високи плати и ангажирање млади луѓе со високи квалификации. Компанијата има претставништва во повеќе земји низ светот и веќе вработува млади кадри од државава, но со договорот што е постигнат, бројката дваесеткратно ќе се зголеми.

Деспотовски зборува и за влезот на домашните компании во зоните – нешто што беше најавувано, но досега не се случи. Како што истакнува, од намерата нема да отстапи и во соработка со Меѓународната светска организација (ИФЦ) ќе ја турка работата „до крај“.

Со оглед дека „структурите во системот не дозволиле овој успешен проект да се реализира“, Деспотовски ќе инсистира да се воведе систем на казнивост за непостапување на одредени институции. Не станува збор веќе за една, вели, туку за десет потенцијални инвестициски проекти на домашни компании што треба и ќе се случат.

Деспотовски во интервјуто се осврнува и на неговиот политички ангажман. Како член на СДСМ скоро 30 години, еден од поранешните кандидати за претседател на партијата и нејзин актуелен функционер, изразува длабоко уверување дека СДСМ ќе биде водечката политичка сила што ќе ја внесе државата во ЕУ во 2030 година, иако е апсолутно свесен, како што потенцира, за расположението меѓу граѓаните.

Анкетите, истакнува Деспотовски, покажуваат дека граѓаните се уморни од ветувања и оправдувања, дека сакаат конкретни резултати кои ним лично ќе им го променат секојдневниот живот. – Мора да си ги признаеме грешките, дел и во кадровската политика, поради што сега во фокусот не треба да ни биде кој со кого ќе коалицира, туку кои ни се клучните вредности и принципи, да креираме мерлива програма со рокови и да видиме кои ќе бидат лицата што ќе застанат зад тој тип програма, подвлекува Деспотовски.