Гувернерката на Њујорк: Експлозијата на граничниот премин САД-Канада не е поврзана со тероризам

Експлозијата во која загинаа две лица на граничниот премин меѓу САД и Канада не е поврзана со тероризам, изјави гувернерката на државата Њујорк, Кети Хокул.

„Сакам да бидам многу јасна – во овој момент нема индикации дека станува збор за терористички напад“, рече таа во изјавата за новинарите.

Две лица, возачот и сопатникот загинале во експлозијата, јавува агенцијата повикувајќи се на неименувани извори.

Инцидентот се случил вчера попладне, кога возило експлодирало на мостот што ја поврзува Канада со американската држава Њујорк.

Канцеларијата на ФБИ во Бафало соопшти дека е на лице место и ги истражува причините за експлозијата. Според прелиминарната истрага, експлозијата не била предизвикана од бомба, пренесува Reuters повикувајќи се на неименувани извори.

Според генералната проценка на граничната служба, како што претходно објави Ројтерс, инцидентот најверојатно го предизвикал невнимателен возач. Властите во Канада „активно учествуваат во проценката на ситуацијата“, рече премиерот на Онтарио Даг Форд на мрежата X.

Експлозијата се случи на американската страна на преминот на мостот „Виножито“ , кој ги поврзува двете земји преку реката Нијагара. Уште три моста меѓу Њујорк и Онтарио беа затворени како мерка на претпазливост. Суспендирани се и меѓународните летови на аеродромот Бафало.

Мајк Гантер, еден од очевидците, изјави за локалната телевизија WGRZ дека го видел возилото како забрзано на американската страна од границата, скршнало за да избегне друго возило, и удрило во ограда и експлодирало.

„Одеднаш полета во воздух и се создаде огнена топка висока до 10 метри. Никогаш не сум видел нешто слично“, изјавил тој.