Германскиот „Шпигел“ опширно за „сараевското сафари“

Германскиот „Шпигел“ неодамна се придружи кон медиумите кои известуваа за т.н. „сафари на луѓе“ за време на војната во Босна и Херцеговина, пишува Дојче веле.

Авторот на статијата разговараше со многу од „актерите“ кои досега беа споменати во неодамна повторно актуелизираната приказна за доаѓања на богати западноевропејци во Сараево за време на војната во деведесеттите, кои за високи суми на пари убивале цивили во опколениот град.

На почетокот на обемниот извештај цитиран е пензионираниот италијански судија Гвидо Салвини, кој заедно со авторот Ецио Гаваци поднеле тужба во судот во Милано против непознати лица за убиство од ниски мотиви.

„Дека нешто неописливо се случило во Сараево, дека ловците од хоби пукале во луѓе за забава, е надвор од секакво сомнение“ изјави Салвини во телевизиско интервју: „Благодарение на многу различни извори, повеќе нема ни најмал сомнеж во тоа“.

Во статијата објавена од „Шпигел“ се цитираат наводи од книгата на Гавачани, во која се споменуваат „230 Италијани, заедно со неколку Французи, Белгијци и Австријци“ кои учествувале во убиствата на цивили.

Предупредување од другата страна

„Шпигел“ го цитира и Насер Хусиќ, поранешен припадник на Армијата на Босна и Херцеговина, кој за време на војната бил стациониран спроти населбата Грбавица.

„Се случуваше, особено во петок, да добиваме предупредувања од другата, српска страна на фронтот преку „Моторола“ уреди: „Тргнете ги жените и децата на безбедно“, вели Насер Хусиќ, поранешен војник во 101-та моторизирана бригада на босанската армија. „Тогаш знаевме дека доаѓаат викенд- снајперисти“.

Хусиќ не може со сигурност да каже кој стрелал, но заклучува дека имало многу повеќе снајперски напади регистрирани во текот на викендите отколку во текот на неделата.

Текстот понатаму го презентира сведочењето на Александар Личанин, поранешен припадник на српската армија од Приједор, кој бил стациониран во близина на еврејските гробишта од каде биле стрелани цивилите за време на војната. „Пукаа во жени, деца и стари лица, беа надвор од контрола“, вели Личанин за „сафари туристите“.

Куршуми како трофеи

„Шпигел“, исто така, го цитира сведочењето на сведок кој бил задолжен да ги придружува „сафари-убијците“ до Сараево.

„Нашата главна задача беше да ги преброиме убиените жртви и да им платиме на стрелците. Потоа нивната исплата одеше преку агенцијата што го организирала настанот“, вели сведокот, кој се претставува под псевдонимот „Французин“.

Како трофеи, ловците на луѓе земале дома чаури, претежно 7,62 x 51 милиметар, обоени според возраста на жртвата: момчиња-сини, девојчиња-розови, војници-црвени и зелени, возрасни-жени жолти, стари мажи- црни и сини. Кон крајот на војната, цените за еден истрел се зголемиле најмалку три пати – до 100 милиони лири за деца, или околу 50.000 евра по денешен курс, според статијата на германскиот весник.

Шпигел, ја цитира и италијанката Мартина Радиче, по професија вештак, која, повикувајќи се на „доверливи извори“, вели дека снајперистите биле подготвени да платат до 200.000 евра само за еден викенд.

„Некои од нив биле мажи за кои легалниот лов повеќе не бил доволен, па ни ловот на слонови. Им требало нешто ново за да го добијат тој наплив на адреналин“, вели таа.

Зборувајќи за наводните сторители, криминологот дијагностицира „елитна психопатија – зборуваме за болни лица кои одлучиле да ги прекршат сите правила“.

Понатаму, експертот вели дека станува збор за луѓе кои се’ уште одржуваат некаков статус во денешното општество.

„Од она што го знаеме, овие луѓе се уште се многу почитувани денес, тие држат важни позиции, живеат добро, се добро поврзани и веројатно не се плашат од ништо повеќе од тоа еден ден да им се сруши социјалната фасада“, вели криминологот. Ако тоа се случи, се заканува „огромен земјотрес“.

Од воени игри до вистинска војна

Германското списание продолжува да пишува за Трст како град кој одиграл важна улога во целата приказна за „викенд-ловците“ и прикажува интервју со сега пензионираниот Роберт Руцијер, кој зборува како на почетокот на 1990-тите група ентузијасти за оружје се сретнале во шумата во близина на словенечката граница за да играат војна.

„Еден ден, се зборуваше за скриена реклама што нуди патувања во Сараево“, вели Руцијер.

„Рекоа дека ќе добиеме снајперска пушка, тип Драгунов, и три куршуми. Можевме да правиме што сакаме со неа.“

Колку што се сеќава, патувањето во Сараево го предложил војник од словенечко потекло по име „Роло“, вели пензионерот за „Шпигел“.

Според понатамошни изјави на сведоци, црногорец, сопственик на автосервис во Трст, организирал транспорт на вооружени „ловци на луѓе“, претставувајќи го како транспорт на лекови. Предмет на тековната истрага е дали за транспортот биле користени и чартер летови што полетале од аеродромот северно од Трст.

Исчезнати сведоци

Авторот на текстот безуспешно, како што наведува, се обидел да добие изјава од поранешниот шеф на српската тајна служба, Јовица Станишиќ, кој се смета за „клучна фигура“ во приказната за ловците на луѓе. Авторот ја споменува врската на Станишиќ со Американците кои му биле благодарни за посредувањето во ослободувањето на американските војници што биле држени како заложници од Србите.

Воедно, авторот сe прашува како е можно Американците да не знаеле ништо за наводната вмешаност на Станишиќ во случајот со снајперистот.

Во интервју за „Шпигел“, босанскиот политичар Златко Милетиќ зборува за тоа како институциите на БиХ досега не успеале да разјаснат „што навистина се случило“. Тој, исто така, споменува тројца поранешни снајперисти на српските сили кои ги загубиле животите за краток временски период на крајот од минатата година „на многу интересен начин“.

„Доколку тие тројца беа уапсени и испрашувани навремено, денес ќе ја знаевме вистината“, рече Милетиќ и изрази верување дека е „сто проценти сигурен“ дека имало „човечки сафари“ организирани од српските безбедносни институции за време на војната, заклучува статијата во германското списание „Шпигел“.