
Ново влошување на ситуацијата: Иран повторно го блокираше Ормускиот Теснец
Командата на ИРГЦ изјави дека САД „продолжиле со своите акти на пиратство и поморска кражба под маската на таканаречена блокада“.
Здружената воена команда на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) издаде соопштение во кое тврди дека контролата врз Ормускиот Tеснец сега „се вратила во претходната состојба“, бидејќи Американците изјавија дека нивниот потег за деблокирање на теснецот нема да значи крај на американската блокада на иранските пристаништа.
Во соопштението објавено од иранската радио-телевизиска станица ИРИБ, командата на ИРГЦ изјави дека САД „продолжиле со своите акти на пиратство и поморска кражба под маската на таканаречена блокада“.
„Поради оваа причина, контролата врз Ормускиот Tеснец е вратена во претходната состојба, а овој стратешки воден пат сега е под строго управување и контрола на вооружените сили“, се наведува во соопштението.
Додадено е дека сè додека САД не воспостават целосна слобода на пловидба за бродовите што патуваат од Иран до нивните дестинации и назад, статусот на Ормускиот теснец ќе остане под строга контрола и во претходната состојба.
Соопштението доаѓа утрото откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека блокадата на САД „ќе остане на сила со полн капацитет“ сè додека Техеран не постигне договор со САД, вклучително и за неговата нуклеарна програма.
Да потсетиме дека вчера беше објавено дека Иран го деблокирал Ормускиот Tеснец откако беше постигнат договор во врска со 10-дневниот прекин на огнот во Либан. Сепак, таквата состојба остана само неколку часа.