Во Турција уапсени 33 лица осомничени за шпионажа за израелски Мосад

Турските власти привеле 33 лица осомничени за шионажа во полза на израелската разузнавачка агенција Мосад, објави во вторникот турската службена новинска агенција Andolu додавајќи дека полицијата за истиот случај трага по уште 13 лица.

Агенцијата извести дека полицијата извела истоврeмени рации на 57 локации во осум турски покраини, вклучително и во метрополата Истанбул, во рамките на истрагата којашто ја покренала антитероститичката канцеларија на истамбулското обвинителство.

Без да ги наведува изворите, во информацијата на Anadolu пишува и дека се верува дека осомничените ги шпионирале странските државјани во Турција за потребите на изралеската тајна служба, како и дека имале намери да ги идентификуваат, да ги следат, нападнат и грабнат во рамките на операција на „меѓународна шпионажа“ и се додава дека се трага по уште 13 лица по истото сомнение.

Телевизијата TRT Haber истовремено објави дека турскиот министер за внатрешни работи Али Ерликаја ги потврдил извештаите за апсењата.

„Во рамките на операцијата спроведена во осум провинции, којашто беше координирана во Истанбул, 33 лица се приведени во претресите на 57 локации под сомнение дека на територијата на нашата земја работеле за израелската разузнавачка служба“, објави министерот Ерликаја на социјалната мрежа Х.

Потврдува дека било утврдено оти приведените ги следеле странските државјани во Турција и подготвувале планови за нивно киднапирање. Ерликаја наведува и дека од приведеите се запленети 143.830 евра, 23.680 долари, пиштол за кој немало дозвола за поседување, мноштво муниција и дигитални материјали кои ги потврдувале незаконските активности на уапсените.