Во тек е истрагата за автобуската несреќа во Бугарија, автопревозникот ќе остане без лиценцата

Се уште трае истрагата за несреќата во која вчера рано наутро загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград.

Првичните информации од истражните органи во Бугарија се дека во автобусот имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија.

Од загинатите, 12 се деца.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

„Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамки на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија“ – рече министерот Спасовски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ бидејќи од добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот. Државниот инспекторат за транспорт ќе изврши вонреден инспекциски надзор во фирмата.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески во изјава за медиумите вчера пред болницата „Пирогов“ во Софија рече дека не може да се каже која е причината за незгодата. Тој посочи дека можни се два фактори – човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото.

„За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата“ – рече Јовески.

Тој додаде дека не се прави паралелна истрага. Државниот јавен обвинител е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат се што е неопходно за повредените патници и притоа изрази сочувство до семејствата на настраданите.

Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов вчера изјави дека заедно со македонските колеги го прецизирале начинот на кој ќе се работи истрагата за несреќата. Според него, за неколку дена се очекува да бидат готови резултатите од ДНК анализата, за со сигурност да се идентификуваат жртвите од несреќата.

Автобусот влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ во понеделникот по 21 часот, а несреќата се случила во вторникот околу 2 часот по македонско време на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград.

Поради несреќата Владата вчера прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава и откажани се сите јавни настапи. Ден на жалост денеска е прогласен и во Бугарија и во Косово.