„Војна“ на релација ВМРО-ДПМНЕ / СДСМ – БРТ е причината

„БРТ превозот не е адекватен за Скопје, а аматеризмот при планирање ќе го загрозеше водоснабдувањето на градот“ обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Бас рапид транзит проектот е разгледан од Европската банка за обнова и развој, а оценката за неговиот импакт е оценета со 70, на скала од 0 до 100, или на граница помеѓу добри и силни проекти оценети од Банката“ – возвратија од владејачката СДСМ.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ смета дека БРТ не е вистинското решение за проблемите со сообраќајот во главниот град.

„Планираната траса на БРТ превозот беше аматерски осмислена да се движи над главната водоводна цевка која се наоѓа во зелениот појас помеѓу двете коловозни ленти на булеварот. Водоводната цевка не е заштитена и поставувањето на коловоз над неа без дополнителна заштита за кој во овој случај се потребни дополнителни 20 милиони евра ќе предизвикаше хаварија. Дополнително пред да се постави коловозот за БРТ транспорт мора да се изнајдат решенија за пристап до водоводната цевка без затоа да треба да се ископува целата евентуална траса и затоа Скопје да нема ниту вода, ниту јавен транспорт со часови или денови“ стои во соопштението на опозициската партија.

Од друга страна, СДСМ смета дека стопирањето на проектот е „личен хир на градоначалничката Арсовска.

„Со стопирање на овој проект заради лични хирови, Арсовска нанесува штета на градот и на скопјани и директно го поткопува меѓународниот углед на Град Скопје. Време е Арсовска да почне да работи наместо да врши груба партизација на јавните институции, да ги продолжи проектите оставени од Петре Шилегов, а кои се во насока на забрзан развој и напредок на градот. Арсовска не ја доби довербата од граѓаните да поништува проекти и да нанесува штета туку да ги решава проблемите“ се вели во соопштението на владејачката партија.