Вирусот потврден и кај мртов гавран, до денеска 43 пациенти со западнонилска треска

Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврди првата мртва птица со западнонилска треска во Скопје, а регистрирани се и први случаи на западнонилска треска во Центар и Чаир. Бројот на заболени е 43.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврди првата мртва птица со западнонилска треска во Скопје, а регистрирани се и први случаи на западнонилска треска во Центар и Чаир. Бројот на заболени е 43.

„Имаме 43 случаи на западнонилска треска, имаме 40 потврдени, од кои три се потврдени со еден тест. Тоа што е различно од претходната состојба има први случаи во Центар и Чаир. Започна и контрола на птиците и имаме прва лоцирана мртва птица со западнонилска треска, станува збор за гавран во Скопје“, рече Клековски.

Тој се заблагодари на граѓаните бидејќи имало голем број на дојави за мртви птици.

„Мртвите птици се собираат од АХВ и тоа помага да се прави натамошното лоцирање на ризикот од западнонилска треска“, рече Клековски.

Здравствените власти упатија итно предупредување до сите граѓани за главните жаришта и ризични подрачја каде што масовно се размножуваат комарците преносители на западнонилската треска.

Како што наведе на денешната прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски, како најопасни критични точки во населените места се издвојуваат локациите со септички јами, бидејќи застоена вода и високото ниво на органски материи претставуваат најголем ризик за брз развој на заразените инсекти.

Гробиштата се исто така ризични места, заради застојаната вода во вазните.

Во Скопје и Скопскиот регион лоцирале 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични.

Некои од ризичните подрачја се Серава во Арачиново и Бутел, каналите Јурумлери, Стајковци, Сингелиќ во Гази Баба, главниот канал во Илинден на Скопско Поле, каналите во Драчево, Батинци, Студеничани…

Сепак, како што додаде Клековски, во некои општини нема ризични подрачја, а има пријавени заболени од западнонилска треска.

Друга критична точка се отпадите за стари гуми, кои поради насобраната вода во нив служат како идеални и скриени места за престој и несење јајца на комарците. Исто така, ископите од песок полни со вода претставуваат директна закана за ширење на овој вирус.

Клековски појасни дека прскањето на парковите, ако се извршува правилно, не е ризик, но ако се остава подолго, па водата не може да биде апсорбирана, тогаш преминува во ризично подрачје. Исто и со расипаните чешми, односно фонтани за питка вода, кои ако се расипани и постојано течат, стануваат ризични лежишта за комарци.

Денеска, министерот за здравство имаше состанок со градоначалниците на Скопје, со кои договараше што треба да преземат, за заштита на населението.

– Координација Град Скопје за мапирање на високоризични места, Центар за јавно здравје, изработка на оперативниот план кој, каде, што ќе прска, сите општини имаат контакт лица за комуникација за постојано разменување на податоците за тоа што се работи – појасни Клековски.

Тој повтори дека средставата со кои се прска против комарци се безбедни за сите луѓе. Сите средства се препорачани од Светската здравствена организација.