(ВИДЕО) Филипче побара референдум за ЕУ за граѓаните да одлучат дали сакаат да ја платат цената заради Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ, кои ја држат државата надвор од ЕУ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ, кои ја држат државата надвор од ЕУ.
„Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече: ‘Нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената’. Се поставуваат две прашања: кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме досега. Сè што кажа, всушност, било една голема лага. Ќе го враќал името, ќе го поништувал Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат – ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот е потврден идентитетот и јазикот. Тимчо Муцунски го слушнавме како кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можат да го искористат“, истакна Филипче.
Филипче порача дека цената од изолацијата нема да ја плаќаат функционерите на ВМРО-ОКГ, туку граѓаните и младите генерации.
„Тоа нема да биде Мицкоски, нема да бидат неговите соработници, неговите министри, сите тие имаат бугарски пасоши во џебовите. Тоа нема да биде неговата криминална банда. Цената ја плаќаат сите граѓани, цената ќе ја платиме сите ние – нашите семејства, децата и младите. Оваа банда на власт едноставно не знае како да се води држава. Нема капацитет, нема знаење за ништо. Ја презадолжија земјата, стандардот го урнисаа, граѓаните едвај преживуваат од први до први во месецот“, рече Филипче.
Тој предупреди дека власта повторно ги манипулира граѓаните со лаги за Европа и идентитетот.
„Оваа власт сега повторно лаже. Сега дека Европа ни го загрозува идентитетот. Единственото нешто што е во овој момент загрозено е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните во државата. Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно, доста е“, нагласи претседателот на СДСМ.
Тој порача дека иднината на државата не смее да биде заложник на погрешните политики на власта и побара граѓаните директно да се изјаснат.