(Видео)Кртолица: Концептот „Пржинска влада“ е комплексен и нефункционален

Неделава беше промовирана книгата „Политички систем“ од проф. д-р Рената Тренеска Дескоска, проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска и доц. д-р Марко Кртолица.

Вечерва во „Трилинг“ гостин ни е токму еден од авторите на оваа книга, доцент д-р Марко Кртолица.

Работата ја гледам како еден вид мисија, да придонесам и да инспирирам студентите да станат најдобрата верзија од себе, вели Кртолица објаснувајќи ја неговата награда каде како асистент бил избран за најдобар асистент на Универзитетот Свети Кирил и Методиј

За учебникот „Политички систем“ вели дека е модерен учебник кој освен текст содржи и илустрации, табели и графикони.

На сите теми ставаме посебно внимание. Овој учебник е многу современо направен следејќи ги искуствата на западноевропските, а посебно од американските универзитети. Освен текст кој е пишуван на прилично едноставен и разбирлив јазик ќе забележите и илустрации, табели и графикони. Така, работите лесно ќе бидат разбирливи за студентите, но и пошироката јавност, вели Кртолица.

На новинарско прашање за белезите на македонскиот конституционализам тој зборува за авторитарните вредности.

Ние наследивме одредени авторитарни вредности од периодот 1945-1991 и очигледно во периодот на транзицијата тие авторитарни вредности ни се пренесоа и во овој период, додава професорот.

Освен ваквите правни теми, со професорот Кртолица зборуваме и за актуелната политичка ситуација.

Пржинската влада според мене е нестандардно решение за влада која треба да организира избори. Кога имате модел кој треба да им го објасните на пријатели во странство, тогаш решението не е добро. Комплексна е и нефункционална, но во 2016 доведе сите актери да ги прифатат изборните резултати.

За Пржинската влада тој вели дека тешко оди нејзиното функционирање.

За мене иднината на Македонија е во меѓуетнички предизборни коалиции кога партии од различни етникуми би креирале заедно една заедничка листа. Тоа би го тргнал етничкиот момент во македонската политика и наместо да се бавиме со етнички прашања би се бавеле со граѓански прашање. Ќе почнеме да се интересираме со вистинските проблеми во нашето општество и да видиме кој нуди подобро решение за нашите проблеми. Тоа ќе ја намали радикалноста на политичарите, вели Кртолица.

Според професорот СДСМ е похрабра од ВМРО-ДПМНЕ во поглед на меѓуетничките односи и тој потсетува дека СДСМ биле во меѓуетничка коалиција.