Вадефул во посета на Украина, вети поголема воена и финансиска помош за Киев

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пристигна во посета на Киев во знак на солидарност пред одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина, јави ДПА.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пристигна во посета на Киев во знак на солидарност пред одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина, јави ДПА.

Шефот на германската дипломатија пристигна со специјален воз на централната станица во главниот град и во првата изјава по доаѓањето ја осуди ескалацијата на руските напади со беспилотни летала и ракети. Вадефул ја обвини Москва за „неселективни убиства на цивили“ и намерно уништување на енергетската инфраструктура.

Посетата доаѓа неколку дена откако 16 лица беа убиени во руски ракетни напади врз украинскиот главен град и еден ден по нападот врз најголемиот трговски центар во родниот град на претседателот Володимир Зеленски, Кривиј Рог, во кој загинаа 15 лица, а 130 беа повредени.

Вадефул рече дека Русија се обидува да ги изгладни Украинците и да го скрши нивниот отпор.

– Јули и август беа најсмртоносните месеци за украинските цивили во повеќе од четири години. Никогаш порано Русија не испукала толку многу ракети кон својата соседна земја, рече Вадефул.

Тој вети поголема помош од Берлин за Киев, изразувајќи надеж дека „Русија може да биде доведена на преговарачката маса“. Посочи дека ниедна земја не инвестира толку многу во воена и финансиска поддршка за Украина како Германија.

Ова е негова четврта посета на Украина откако ја презеде функцијата пред 16 месеци. Посетата не беше официјално најавена од безбедносни причини, како ни агендата за неговите средеби во Киев.