Буџетот за 2021. оствари 15,3% повеќе приходи од 2020. година

„Во Буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 отсто повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 процента во однос со 2020 година. Натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за два отсто, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 отсто од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 проценти од БДП“ информираат од Министерството за финансии.

„Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата, иако се уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид 19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза“ – вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Според него, мерките и севкупните спроведени политики придонесоа 2021 година да заврши со економски раст од 4,1 отсто, согласно проекцијата за раст на БДП, но и со можност да се надмине.

„Економијата во првите девет месеца од 2021 година достигна раст од 4,6 отсто. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7 проценти, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8 отсто, финалната потрошувачка раст од 4,5 проценти, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4 отсто во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7 проценти, додека просечната нето плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5 отсто во однос на октомври претходната година. Овие движења се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102 процента од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот Буџет, и тоа за пет отсто даночните приходи, а за 1,3 проценти придонесите“ рече Бесими.

Министерот додава и дека приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари што е зголемување за 13,2 отсто во споредба со 2020 година.