Борел: Светот се соочува со драматична ситуација

Жозеп Борел – шефот на ЕУ дипломатијата денеска предупреди дека војната во Украина и блокадата на извозот на жито се вина на Русија и поради тоа светот се соочува со драматична ситуација.

Европската Унија денеска преку министрите за надворешни работи на ЕУ директно ја обвини Русија за растот на цените и недостигот од прехранбени производи во светот, посебно во најсиромашните земји, како во Африка каде гладот демне.

Борел денеска рече дека „ЕУ треба да се бори против овој наратив на Русија и да ги убеди партнерите во светот, затоа што ЕУ е во право“.

„Русија го блокира украинскиот извоз, ги уништува пристаништата и залихите на храна, транспортната инфраструктура, тоа предизвика глобална криза со храна“ – рече Борел.

Борел рече дека Европската унија ќе им испрати писмо на лидерите од африканските земји за да им образложи дека Русија е виновна за кризата, а не санкциите на Западот.

За Жозеп Борел прстот треба да се впери кон Москва од повеќе причини.

„Ако Русија испраќа сигнал дека е опасно да се плови по Црното Море тоа ги зголемува цените на осигурувањето, Русија наложува данок врз извозот, тоа ги зголемува цените, подготвени сме да простудираме, но нашите санкции не се виновни“ вели тој.