Билјана Јовановска: Фондот за пензиско може да издржи зголемување на пензиите

Директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Билјана Јовановска во интервју за порталот „Локално“ вели дека разбирливи се барањата на пензионерите за промени во методологијата на пресметката според кои пензиите треба да го следат растот на платите. Таа посочува дека Фондот е само извршител бидејќи законските измени ги носи Собранието.

„Со оглед на финансиската состојба Фондот може да издржи зголемување на пензиите и јас како директор сметам дека е потребно да се направи ново зголемување на пензиите во оваа година“, вели Јовановска.

Таа е задоволна од постигнатото во 2021 година, а резултатите ги поткрепува со бројки: приходите се надминати за 1,3 милијарда денари над планираните, а салдото на сметките заклучно со 31.12.2021 г. е за 1,36 милијарда денари поголемо од 2020 г.

„Фондот е во добра и стабилна финансиска состојба а пензиите редовно се исплаќаат, дури и предвреме“ вели Јовановска.

Соодносот на пензионери-осигуреници не е променет и тој во последните 3 години изнесува 1 пензионер на 1,8 вработени. Како причина за позитивен сигнал го посочува и фактот дека трансферот од централниот буџет кон Фондот се намалува во континуитет, па така во 2021 г., тој изнесувал 37,3% од вкупните приходи на Фондот.

Во однос на задолжителното пензионирање на 64 годишна возраст, бројот на пензионери во последните шест месеци е зголемен за 1.733 .Фондот на ПИОСМ нема податок колку работници ги продолжиле договорите за работа до 67 години, но како што вели Јовановска, сите тие ќе мора да одат во пензија до јуни 2022 година.

На прашање во каква кондиција е Фондот, Јовановска вели:

„Фондот е во добра и стабилна финансиска состојба. И покрај пандемијата што ја зафати нашата држава во овој период се остварија предвидените средства од придонеси и други приходи, а пензиите редовно се исплаќаат, дури и предвреме. Буџетот на Фондот во 2021 година е реализиран 99,91%, при што Фондот на ПИОСМ редовно ги сервисираше сите обврски и нема долгови. Имено, кон приватните пензиски фондови, за членовите на вториот пензиски столб, се префрлени 9,7 милијарди денари, што е реализација од 100%, додека кон Фондот за здравствено осигурување, по основ придонеси за пензионери, се исплатени 8,1 милијарда денари или 100% реализација“.